| четврток, 6 декември 2018 |

Како да се справите со наглите промени во температурите и временските услови

Наглата промена на температурите и временските услови влијаат и психички и физички врз човековото здравје, и тоа не само кај метеопатите.

Замор, нагли промени на расположението, недостиг од концентрација, безволност, раздразливост, несоница, се само дел од психичките проблеми, со кои многу луѓе се мачат деновиве.

Згора на тоа, тука се главоболката, мигрената, мачнина, вртоглавица, ревматски тегоби, болки во мускулите. Кај оние со кардиоваскуларни болести доаѓа до влошување на состојбата во вид на забрзан пулс, зголемување на крвниот притисок.

Времето влијае и врз дигестивниот тракт и честа е појавата на изразен гастритис и болки во стомакот, во случај на чир на желудникот и на дванаестпалченото црево.

Наглата промена на времето предизвикува поголема зачестеност на срцевите и мозочните удари, воспаление на белите дробови и астматични напади кај постарите лица и кај хроничните кардиоваскуларни болни.

КАКО ДА СЕ УБЛАЖАТ МЕТЕОПАТСКИТЕ ПРОБЛЕМИ?

Хроничните болни и метеопатите би требало редовно да ја следат биометеоролошката прогноза и да се однесуваат во согласност со упатствата. Здравата храна, консумирањето овошје, зеленчук и повеќе течности (вода и билни чаеви) исто така можат да ги ублажат тегобите поради промената на времето. Не се препорачуваат многу студени и слатки пијалаци и алкохол. Неопходно е лицето да има мирен сон, но да се одмора и во текот на денот. Се препорачуваат умерена физичка активност и престој во природа.

КАКО ДА СЕ ИЗБЕГНАТ?

За да се спречат метеопатските тегоби, треба да се избегнува поголем физички напор, повеќе да се престојува на отворено (доколку временските услови го дозволуваат тоа), да се консумираат овошје и зеленчук и да се пијат течности, но не и алкохол. Во случај на поизразени симптоми неопходна е консултација со лекар што ќе ја одреди терапијата, а на хроничните болни евентуално да им се коригира дневната доза на лекови. Се препорачува користење јонизатор на воздухот што создава негативно наелектризирани честици, кои позитивно дејствуваат кај болните од астма, бронхитис, алергии, но и на оние што имаат зголемен притисок и психички проблеми.

КАКО ДА СЕ РЕАГИРА СПОРЕД СИМПТОМИТЕ?

ВОЗНЕМИРЕНОСТ И РАЗДРАЗЛИВОСТ
Во случај на главоболка, мигрена, нерасположение, вознемиреност и раздразливост неопходно е да се избегнуваат стресни ситуации и поголем напор. Промената на времето неповолно влијае на нервниот систем, па одреден дел од денот треба да се оддели за релаксација. Се советува одмор во тивка затемнета просторија, туширање, наизменично со топла и студена вода, а се препорачува и пиење чај од матичнина.

ДЕПРЕСИЈА, СЛАБОСТ, ЗАМОР И АПАТИЈА
Стресот ги зголемува апатијата и исцрпеноста, поради што се потребни одмор и избегнување на психичкиот и физичкиот напор. Неопходно е земање поголеми количества овошје и зеленчук, за детоксикација на организмот и снабдување со корисни материи.

НЕСОНИЦА, ПАД НА ЕНЕРГИЈАТА И НАМАЛЕНА КОНЦЕНТРАЦИЈА
Најдобар лек за слаба концентрација и чувството на „губење на силата“ е – исхраната. Треба да се избегнуваат тешки артикли и да се јадат жита, зеленчук, овошје и млечни производи со низок процент на масти, а може многу да помогне и умерена физичка активност. Во случај на нарушување на сонот, пред спиење не треба да се земаат обилни оброци, туку се советува навечер да се пие чај од камилица или од валеријана.

НИЗОК ПРИТИСОК И ЗАБАВЕН ПУЛС
Кај лицата што страдаат од низок притисок, поради промената на времето може да дојде до уште поизразена хипотензија. Се препорачува консумирање поголемо количество течности – вода, но не студена, како и млаки незасладени чаеви и разблажени природни сокови. Исхраната треба да се збогати со жита и со риба, а по ручекот се советува чаша црно вино.

ЗГОЛЕМЕН ПРИТИСОК И ЗАБРЗАН ПУЛС
Без оглед на тоа дали лицето има проблем со хипертензијата или се работи за моментални проблеми, доколку има промена на времето важно е да се обрне внимание на секојдневните навики. Неопходно е да се исфрлат од исхраната сите артикли богати со маснотии, да се избегнуваат пушењето, кофеинот и алкохолот и да се пијат повеќе течности (вода, билни чаеви), со јадење лесна храна, богата со витамини и минерали. Се препорачува умерена физичка активност.

КАРДИОВАСКУЛАРНИ ТЕШКОТИИ
Промената на атмосферските услови неповолно влијае на кардиоваскуларниот систем, особено кога се работи за хронични болести на срцето и на крвните садови. Освен посебниот начин на исхрана, според советите на лекарите, треба да се пие повеќе течност, најмалку два литри дневно, а корисна е и умерена физичка активност, освен за време на големи горештини, кога се советува мирување во разладени простории.

АСТМА И АЛЕРГИИ
Зголемувањето на нивото на влагата во атмосферата и висок процент алергени во воздухот ги влошуваат тегобите кај астматичарите и кај оние што страдаат од разни видови алергии. Со редовно земање на пропишаната терапија се препорачува мирување, пиење повеќе течност и јадења лесна храна.

РЕВМАТСКИ БОЛЕСТИ
Болки во зглобовите, коските и мускулите особено се изразени при промената на воздушниот притисок, но и во случај на варирање на температурата. Се советува консумирање храна богата со калциум и омега 3-масни киселини (лосос, туна), како и билни облоги и бањи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top