| четврток, 6 декември 2018 |

Мери Бошкова – Театар беше самата таа

B15DDD91D9E04D49844B79F7CB9BF9E1
„Кога размислувам за неа се’ повеќе сум сигурна дека се родила на погрешно место, во погрешно време. Врвен професионалец како што претпоставувам се однесувале Грета Гарбо, Глорија Свансон…За неа, нејзината животна определба – актерството, беше светиња и не само декларативно туку буквално. Кога ќе добиеше улога, се затвораше по два-три месеци и не контактираше со никого, освен со мајка ми која на сила ќе и зготвеше и инсистираше да јаде нешто. Стотици и стотици тетратки испишани со детална анализа на ролјата, која ја толкува. Илјадници страници да го оправда и “соџвака“ негативниот лик кој и е доделен. На прва проба секогаш одеше со научен текст! Инсистираше на точност, мразеше импровизации и имаше барање за условите на работа како вистинска холивудска дива. На сцената доминираше. Беше една и единствена. Можеби некој ќе рече дека била егоцентрик, но не верувам дека постои човек кој, ако барем еднаш ја гледал на сцена што може да го негира нејзиниот талент и врвна изведба“.
 
Со вакви сеќавања започнува разговорот со Мери Мујиќ Миновска за нејзината тетка Мери Бошкова, една од најголемите ѕвезди на македонското глумиште, за циклусот текстови на МИА „Траги низ времето“. Големата глумица која милуваше на сите да им се обраќа со – мами, замина во вечноста лани пред нејзиниот 90-ти роденден.
 
– Почина на 24 април 2014 година, а Господ посакал да добие уште еден громогласен аплауз. Погребот беше на 27 април – Денот на Театарот, потсетува внуката.
 
Живка во „Госпоѓа Министерка“ и мајка Фросина во првиот долгометражен македонски филм „Фросина“ се само два лика од нејзината блескава шестдецениска кариера кои остануваат вечно да потсетуваат на големата дама на македонскиот филм и на македонаската тетарска сцена, Мери Бошкова која одигра стотина театарски, филмски, радио и телевизиски улоги.
 
 
Под светлата на рефлекторите
Мери Бошкова родена е во Битола, на 2 мај 1924 година. Татко и бил шеширџија и таа самата, по завршеното основно училиште го изучувала шапкарскиот занает. Кратко време, како 17-годишна девојка, дури и работела на занаетот во еден моден салон во Софија. Па кога години подоцна за една претстава на Операта требало да се направат турбани, таа направила точно 93 турбани за турската војска. Но, актерството е попримамлива авантура и не смее да се пропушти, па младата полетна и весела девојка откако ја положува аудицијата, во 1944 станува дел од првиот изведувачки состав на Народниот театар во родната Битола, а една година подоцна дебитира на сцената на Македонскиот народен театар. Со своите први настапи го свртува вниманието на публиката и на критиката и ја започнува својата брилијантна актерска кариераОттогаш нејзиниот живот беа и останаа штиците што живот значат под светлата на рефлекторите. Секогаш настапувајќи пред преполни театарски сали и опкружена со обожаватели кои со нескриени симпатии и со огромно воодушевување ја следеа низ годините.
 
– Ги знаеше на памет сите свои ролји. Велеше, кога повторно би се родила, би го живеела истиот живот, со театарот и за театарот. Многу сакаше да застане уште еднаш на сцената и да ја игра барем уште еднаш својата животна улога, госпоѓа Министерка. Сметаше дека ова им го должи на почитувачите нанејзиниот лик и дело. Со ова се согласуваа сите оние што се сеќава на нејзиното прво појавување во „Госпоѓа Министерка“. Таа улога беше нејзин вистински бисер, не само во нејзиниот опус, туку и во македонското актерско творештво воопшто.
 
Не, случајно. Улогата на Живка, Мери Бошкова ја играше цели три децении.
 
– Мојата прва слика за тетка ми во раните шеесети години е со цигара која не ја вади од уста, литар турско кафе и амбиент од кој не се откажа до последните моменти – голем тоалетен стол, а на него сите можни реквизити: текст од актуелната пиеса, тетратки за забелешки, перика, професионални шминки, пудри, специјален вазелин (се уште го чувствувам мирисот) за вадење на сценска шминка, голема тапа (за вежбање на гласот) фотографии од неа, од семејството, исечоци од весници (критики, убави мисли, интересни интервјуа од разни светски звезди, писатели…) по некој сувенир, вазничка, цвеќенца…, евоцира внуката.
 
За ликовите што ги играла, велеше дека и помагаат многу подобро и полесно да ги поднесе нештата што со себе ги носи реалноста. Сметала дека театарот и животот меѓусебно се дополнуваат. Моќта за трансформација, адаптација и за проникнување во ликовите, пак, доаѓа токму од животот. Тоа е цела животна филозофија“, говорела  таа.
 
 Тетка ми беше исклучително писмена и начитана жена. Огромна библиотека од сите жанрови. Постојано купуваше книги, ги читаше со потцртување, со забелешки на маргините и мислам дека во речиси секоја книга има по некое ливче со лични впечатоци, исечок од весник за нешто што неа и значеше, мисла на Брехт, интервју на Пабло Неруда па дури и од некоја фолк звезда која таа ја сакала како уметник. Имаше и страшна интуиција во врска со луѓето околу неа, па дури и за некои јавни личности кои и не ги познавала. Во прв момент ќе ја каже точната “дијагноза“, ние се чудевме, ја убедувавме дека греши, за по некоја година да излезе токму како што кажала…
 
Кога ти е тешко – пеј
По станувањето наутро најчесто знаела да си потпевне. Знаела да каже дека пеењето ја смирува. Таа нејзина дневна и животна рутина не се сменила ни по пензионирањето. Во отсуство на свои деца, мајчинската љубов ја трошела на внуците од своите брат и сестра.
 
– Мери Бошкова е сестра на мајка ми Радмила. Беа две сести и еден брат, Димитар. Се грижеше за своето семејство, колку можеше и материјално ги помагала. Но мајка ми, која е најмала, секогаш се грижеше за неа. Како да ги имаа сменето улогите на постара и помлада сестра. Нејзиниот однос, кон нас внуките беше на некој начин покровителски, но секогаш знаела да даде добар совет, а за многу работи и размислувања била авангарда. На пример, велеше дека воопшто не е битно по секоја цена да бидеме во брак, но затоа сугерираше да имаме љубов и да бидеме сакани. Не само за нас, туку и за останатите пријатели и блиски умеше со две – три реченици полни со оптимизам да ти го направи убав денот. Како да слушаш жива книга – компилација од Адлер, Буда, Лујза Хеј… Тоа е нешто што не се учи, тоа најверојатно животот ја научил, да дејствува на себе и на околината мотивирачки и позитивно. Велеше, кога ти е тешко – пеј! Особено инсистираше на здрав живот, здрава исхрана. Така, муабетот со кафенце, после мојата прва запалена цигара задолжително завршуваше со “доста пушиш, не е добро за тенот, за здравјето…“, ни открива внуката.
 
Една деценија Мери Бошкова беше мажена за актерот Илија Џувалековски – Личко. Сакала деца, но ете, велела, така требало да биде, единствени деца да и бидат улогите што ги играла.
 
Многу се жртвував за театарот, а секоја професија има своја цена. Целата своја енергија ја трошев тамуПилкан, така се викавме меѓусебно со мојот поранешен сопруг постојано ми велеше: „Ти си талентирана, тебе ти е местото во театарот, имаш премногу обврски“, ќе изјави за овој дел од нејзиното минато.
 
По разделбата со Џувалековски, на изненадување на многумина, одлучува да замине во Белград и таму да ја продолжи кариерата во „Народно позориште“, еден од тамошните театри со најбогата традиција. Во соседството се дружела со Оливера Марковиќ, која и била најдобрата и најблиска пријателка таму, а прв сосед и бил легендарниот Љуба Тадиќ, кој и помагал во совладувањето на јазикот. На белградската сцена дебитира дури кон крајот на 1959 година и желно исчекува покана за гостување во нејзиниот поранешен матичен театар МНТТоа се случува дури по седум години.
 
Имено, во 1965 година, на отворањето на новата монтажна зграда на Македонскиот народен театар во Скопје, се случува и нејзиното триумфално враќање во старото јато, со премиерата на пиесата „Коломба“ од познатиот француски писател Жан Ануј, во режија на Димитар Ќостаров. Во тој период критичарите бурно го поздравуваат нејзиното скапоцено враќање на домашен терен.
Интересно е дека со својата поранешна голема љубов ќе заигра во „Мирно лето“, првата македонска комедија пресликана на големото платно, а таа како вистински професионалец прифаќа да соработува со него.
 
– Ни раскажуваше како кога паднала првата клапа, а таа се појавила пред сите облечена само во бикини, како што барало сценариото, Личко не можел да се воздржи, а да не извика: „Што е ова, куплерај?“низ смеа евоцира внуката.
 
Елегантна со посебен стил
Мери Бошкова важеше за елегантна жена, со посебен стил. Како што доминираше на сцената, така блескаше каде и да се појавеше, без разлика дали е јавен настап или пазарање во самопослуга.
 
– Секогаш носеше светли, весели бои. Во поодминатите години не можеше да се замисли без шапка, свилена марама околу вратот и нежни ракавици до над зглобовите на рацете, подвлекува внуката.
 
Таа додава дека можеби најдобро Мери Бошкова ја отсликува во еден текст Лилјана Мазова:„ …македонското глумиште си има своја дама, примадона. Тоа е Мери Бошкова. Таа е од глава до петици глумица и не го љуби зборот актерка. Сака да е само глумица. Без разлика дали е на сцената, во тетараското бифе, на улица или на прошетка. Дамата е секогаш насмеана, љубопитна како мало дете со шапка на главата, со свилена марама околу вратот и нежни ракавици до над зглобовите на рацете. Намирисана и облечена по последна мода…“
 
Освен по својата елеганција, легендарната актерка беше препознатлива и по својот младешки изглед.
 
– Имаше некои озборувања дека Мери правела пластична операција, лифтинг на лицето, но сите што биле блиски знаат дека тоа не е вистина. Од цигарите и кафето се откажа поради здравствени причини и никогаш повеќе не стави цигара во уста. Се префрли на здрав живот, специјална исхрана што сметам дека покрај состојбата на нејзиниот оптимистички дух беше и резултат на нејзината убавина, виталност и долголечност. А можеби се и гени во прашање, бидејќи баба ми, нејзината мајка беше вистинска убавица и бабичка без ниедна брчка на лицето, открива внуката и додава дека за нејзината убавина, насмевката, грациозноста и она што таа зрачеше како појава може многу да се зборува.
 
– Таа едноставно пленеше, каде и да се појави. Случката е од стар Букет. На терасата во кафеаната седел нејзиниот бивш сопруг Илија Џувалековски во друштво на многу помлади колеги кои не знаеле многу за нејзиниот приватен живот. Мери поминала покрај нив и сите почнале да коментираат за нејзината убавина… Џувалековски се вмешал во муабетот и им рекол „Жена ми беше„. А тие му одговориле,“Ајде доста, не зборувај глупости, си се напил“.
 
Или, младолика и духовно и физички, секогаш изгледаше барем 20 години помлада. Еден ден ја прашувам од каде ти е питава. “Од старата, од спротива“ ми одговори. А “старата“ комшивка која беше болежлива, во црнина сигурно беше едно 15 години помлада од неа!
 
Ете таква беше мојата тетка Мери Бошкова која честопати милуваше да каже дека енергијата и непресушната инспиративна моќ им се својствени само на најдобрите, само на креаторите на врвното актерско мајсторство, поентира внуката.
 
Сите лица на актерката
 
Мери Бошкова се вбројува меѓу најблескавите актерки во домашната кинематографија. Беше носител на многу главни улоги со кои се прослави. Во прв ред тоа се Живка во „Госпоѓа министерка“, „Дездемона“ од Шекспир, Бароница Кастели во „Господа Глембаеви“ од Крлежа, „Нора“ од Ибзен… За време на нејзиниот престој во Белград се прослави со „Коштана“ од Бора Станковиќ и со „Тетовирана ружа“ од Тенеси Вилијамс.
 
Ја играше насловната улога во првиот македонски долгометражен филм „Фросина“ (1952) во режија на Воја Нановиќ, а настапи и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961) во режија на Димитрие Османли.
 
Како посебен куриозитет ќе биде забележано дека со само 27 години ја добива улогата на мајката Фросина од истоимениот филм. За ова свое животно и профеионално искуство во една прилика ќе изјави:

Многу сум горда што имав можност да играм во првиот македонски игран филм „Фросина“. Во него, слободно можам да кажам, влегов целосно неподготвена. Имав само 27 години, а требаше да играм седумдесетгодишна старица. Тоа изгледаше невозможно. Отидов кај шминкерот и му реков: дајте ми само пет минути да одам в театар и да си ја земам мојата перика со која играм во театарот. Кога се вратив, се нашминкав и го замолив шминкерот Лаловиќ само да ми направи корекции за да го убедам режисерот дека можам да ја играм улогата. Кога бев подготвена, реков да го повикаат. Кога дојде, тој рече: „Која е онаа таму?“ Не можеше да се изначуди.“. 
Воислав Нановиќ, режисер на „Фросина“, пак, во интервјуто за „Кинотечен месечник“, во 1982 година ќе признае. „Не познавајќи ја Мери лично, се согласив да ја викнеме на пробно снимање. Бев стаписан кога видов дека е тоа млада, убава жена. Признавам, бев многу скептичен како Бошкова ќе се снајде во тешката ролја на повозрасна жена и мајка. Но, пробните снимања, при кои, се разбира, користевме и маска, покажаа дека моите сомневања се неосновани и просто кај мене преовладеа уверувањето што го имаа и другите, дека Бошкова тоа е Фросина.“.
 
Мери Бошкова беше добитник на најголемите признанија во својата богата актерска кариера, меѓу кои и „Стеријина награда“ за ликот на мадам Дибоа („Еригон“ од Јордан Плевнеш), но и на голем број високи сојузни и републички признанија, како и на награда за животно дело. Во театарот остана активна и по пензионирањето во 1982 година. Сними радио и ТВ драми, а нејзина последна актерска креација на филмскиот екран беше во филмот „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли во 1997 година.
 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top