| четврток, 6 декември 2018 |

Емигрантите ќе можат да престојуваат легално во државата до 72 часа

Thousands of migrants pass through Macedonia on their way to the EU countries

Владата на синоќешната седница ги прифати измените на Законот за азил и привремена заштита со кои се предвидува емигрант што ќе ја помине границата да добие потврда дека во земјава може да остане најмногу 72 часа, по што ќе мора да ја напушти Македонија или да побара азил. Законот ќе се донесе по скратена постапка.

– Согласно усвоените законски решенија странец на граничен премин или во внатрешноста на земјата пред овластен полициски службеник може усно или писмено да искаже намера за поднесување барање за признавање на правото на азил. По искажување на намерата полицискиот службеник врши евиденција на странецот кој ја искажал намерата и го информира и упатува дека во рок од 72 часа странецот може да го поднесе барањето за признавање на правото за азил пред надлежните органи – изјави  за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Владата формираше и работна група составена од министрите за внатрешни работи, за надворешни работи, за здравство, за труд и социјална политика и за локална самоуправа која, како што посочи Ѓорѓиев, ќе ги следи состојбите, ќе ги координира активностите, ќе презема мерки и чекори во рамки на надлежностите на институциите за надминување и менаџирање со овие предизвици кои претставуваат еден регионален феномен.

Покрај ова, претставници на овие пет министерства на дневна основа ќе имаат средби и координации.

Со овој Закон, кој според најавите ќе се носи по скратена постапка, се очекува на имигрантите да им се олесни транзитот низ земјава. Измените ќе влезат во собраниска процедура во најбрз можен рок, а се очекува да биде донесен до почетокот на следната недела.

Жители на земји од Блискиот исток како Сирија, Иран и Авганистан и други, кои сакаат да стигнат до земјите од Западна Европа, секојдневно илегално ја поминуваат границата со Република Грција и влегуваат на територијата на Република Македонија.

Илегалните имигранти територијата на земјата ја минуваат пеш или со велосипед, бидејќи не смеат да користат воз или јавен превоз. Со законските измени, мигрантите во тие 72 часа ќе имаат право да користат јавен превоз, односно возови и автобуси.

Имигрантите во изминатите месеци се движеа и долж железничката пруга, каде се случија неколку несреќи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top