| четврток, 6 декември 2018 |

Чиле и Боливија на прагот на четврт-финале на Копа Америка

Репрезентациите на Чиле и на Боливија се на прагот на четврт-финалето на Копа Америка, по двата дуели од втората рунда во групата А.

Боливија го изненади фаворизираниот Еквадор и славеше со 3-2, како најава за голеадата што следуваше потоа. Во вториот меч Чиле и Мексико одиграа нерешено 3-3.

На двата дуели имаше вкупно 11 погодоци, а ноќта со многу голови ја најави Ралдес. Тој погоди во петтата минута за предност на Боливија од 1-0 против Еквадор. Натурализираниот Боливиец со шведско потекло Смедберг зголеми на 2-0, а Морено од пенал направи речиси недостижна предност на Боливијците од 3-0 по само 45 минути игра. Претходно Евер Валенсија утна пенал за Еквадор.

Во второто полувреме фаворитот тргна на сѐ или ништо и со два гола намали на 2-3, но немаше сили за комплетен пресврт или барем за нерешен резултат. Валенсија и Болањос беа стрелци за Еквадор, селекција која има два порази.

cile

Чиле двапати беше во негатива од еден гол во првото полувреме од дуелот со Мексико, селекција која е гостин на Копа Америка. По првиот дел беше 2-2, со головите на Вуосо и Хименес за Мексико и на Видал и Варгас за домаќинот Чиле.

На стартот од вториот дел Чилеанците конечно поведоа со погодокот на Видал од пенал, но и Вуосо беше расположен за голови, па со вториот погодок на мечот се израмни со Видал и го израмни резултатот на 3-3. По две кола Чиле и Боливија имаат по 4 бода, пред Мексико со два и Еквадор без бодови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top