Едно се купува, друго се добива. Ова најмногу важи за техничките апарати, кои го држат врвот на листата на поплаки на граѓаните во Организацијата на потрошувачи. Се купува ИТ или бела техника, која веднаш се расипува, се одбива нејзино враќање, замена или сервисирање, нема делови за апаратите по завршување на гарантниот рок. Сето ова се проблеми со кои се соочуваат потрошувачите кои некогаш се решаваат во нивна полза, но некогаш и не.
-Купивме шпорет од наводно добар бренд. За три месеци ни откажаа копчињата за вклучување. За кратко време се расипа една рингла, а во рок од две години се расипа уште една. Рерната никогаш не грееше како што треба. Си го вративме дома стариот шпорет кој е 30 години стар. Подобро работеше од новиот, иако е стар дури 30 години – вели 55 годишната битолчанка Марија.
Дека има проблем со бела техника посочуваат и од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
– Најчест проблем на граѓаните останува сервисирањето на техничките производи, каде што пред сè станува збор за проблеми со сервисирање и гаранција на мобилни телефони, лап топ и десктоп компјутери, како и за телевизори и други технички апарати за секојдневна употреба. На пример се купуваат нови апарати, кои веднаш се расипуваат. Кога граѓаните ќе се пожалат кај трговецот, се одбива враќање на пари, апаратот се сервисира повеќе од три пати, иако законот предвидува до три пати сервис – велат за Република од ОПМ.
Кај производите од бела техника и други видови на технички производи потрошувачите најмногу се жалат на проблеми со мали кујнски апарати, клима уреди и грејни тела, машини за перење.
-Купив машина за перење пред 4 години. По шест месеци веќе морав да го направам првиот сервис. Се молев да дојдат од фирмата која е овластен сервисер. Постојано наоѓаа изговори, за на крај кога дојде сервисерот да ни рече дека никој не сака да ги сервисира ваквите машини. Сега после 4 години машината не работи. Барам сервисер веќе два месеци. Секаде одговорот е исти – кај најдовте таква машина да купите, само пет такви има во Македонија – коментира скопјанката Милица.
Најчест проблем е немањето резервни делови.
–Проблемот кај белата техника е што се работи за поголеми апарати, кои не можат да се вратат во продавницата, па се чека сервисер, некогаш подолго и од 30 дена, со што изминува рокот за замена на производот. Проблем е и сервисирањето во рамки на гаранатниот рок, но и надвор од него. Сервисерите се правдаат дека немаат резервни делови, иако се обврзани 2 години по истек на гарантниот рок или 5 години од производството да обезбедуваат резервни делови за апаратите – објаснуваат од ОПМ.
Во доменот на производи за домот, поплаките најчесто се во поглед на изработка и испорака на мебел, каде што потрошувачите се жалат дека чекаат со месеци производ за кој било договорено да биде испорачан за 30 дена или помалку, или дека производот кој го добиле е со многу лош квалитет, или дека воопшто не содејствува со порачаното.
Од ОПМ велат дека некогаш поплаките се решаваат во полза на граѓаните, но некогаш не.
-Нашата улога е советодавна. Ние ги упатуваме граѓаните да се обратат до пазарниот инспекторат или до судовите, за да побараат обештетување во случај ако дефектот на еден производ, предизвикал друга штета. На пример расипан бојлер, може да направи поплава, да настрада паркет или слично. Судот е тој кој ја носи крајната одлука. Доколку потрошувачите не се во право, нормално дека ќе изгубат во спорот- велат од ОПМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Лекарите го исклучија од апарати спротивно на желбата на родителите, но детето е уште живо
-
Кампањата „Подарено срце“ донесе медицинска опрема за поефикасно лекување на деца со респираторни проблеми
-
Во АЕК граѓаните се жалат на високи сметки, мобилна телефонија и интернет
-
Здравствениот дом во Делчево доби нови апарати