Претседателот Ѓорге Иванов и бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел Митов, на синоќешната средба во Охрид размениле мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, како и за севкупните состојби во регионот, со посебен нагласок на предизвиците поврзани со стабилноста, безбедноста и евроатлантските процеси.
Зборувајќи за актуелната политичка состојба во Македонија, Иванов истакнал дека е неопходно сите политички фактори да дејствуваат одговорно, да се ангажираат во конструктивен дијалог во насока на институционално решавање на сите предизвици, во согласност со Уставот и законите во Македонија.
Во тој контекст, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата, македонскиот претседател укажа на последиците од статус кво состојбата со македонските евроинтеграции кои излегуваат на површина во моменталната политичкобезбедносна состојба во Македонија.
Двајцата соговорници констатираа дека е потребно јасно и категорично ангажирање на Европската унија во процесот на стабилизација на земјата и продолжување со европските и евроатлантските интеграции.
– Претседателот Иванов и министерот Митов го потврдија заемниот интерес за унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво. Заедничка констатација е дека постои интерес меѓу двете земји за надминување на предизвиците и за натамошно зајакнување на билатералните односи, се вели во соопштението.
Иванов ги потврдил заложбите за натамошен дијалог и продолжување со работа на групите за усогласување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, притоа реафирмирајќи ја определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.
– Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за регионот, целосно интегриран во европските и евроатлантските структури, во овој процес поддршката од соседите е есенцијална, истакна претседателот Иванов, изразувајќи очекување дека Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори со Македонија, како и поддршка за прием во НАТО.
Двајцата соговорници се согласија дека постои простор за интензивирање на соработката меѓу двете земји, како и за зајакнување на меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти во сферата на образованието, културата, економијата, евроинтеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот и животната средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани