Подрачјето на Македонија од денеска постепено ќе потпадне под влијание на многу топла воздушна маса од југ, која во наредните денови ќе услови повисоки дневни температури од просекот за овој период од годината.
Како што соопшти УХМР, особено топло ќе биде в понеделник и вторник кога на повеќе места температурата ќе надмине 34, а во југоисточните делови можно е да достигне и до 38 степени. УВ индексот ќе има вредност меѓу 8 и 9.
За заштита од топлотниот бран Црвениот крст на град Скопје подготви акциски план кој опфаќа теренски активности. Како што информираат оттаму, согласно искуството од претходните години предвидено е мобилни екипи составени од лекар или парамедик да патролираат низ градот, да дистрибуираат вода и флаери со совети. Воедено ќе го мерат притисокот на граѓаните кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт.
За таа намена ќе бидат ангажирани 40 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, 10 волонтери од Тимот за спасување на планина и 5 возила од кои три ќе патролираат низ градот, а две за време на викенди ќе бидат дежурни на планинско спасителните станици Водно и Матка.
– Од понеделник мобилниот тим ќе излезе на терен и во периодот од 11 до 16 часот ќе патролира низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постројки. Тимот за спасување на планина, пак, активно ќе се вклучи во активностите околу превенирање и намалување на штетите предизвикан од топлотниот бран и пожарите – информираат од Црвениот крст на град Скопје.
Волонтерите од тимот, прецизираат, ќе делат пропаганден материјал за подигање на свеста на граѓаните и нивните навики кога се движат низ планински предели, а во соработка со Шумската полиција до крајот на август годинава ќе спроведат активности за давање совети за заштита од топлотен бран и ќе укажуваат прва помош доколку е неопходна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.