Словенечкиот уставен суд го врати пратеничкиот мандат на опозицискиот лидер и поранешен премиер Јанез Јанша, оценувајќи го како противуставно одземањето на пратеничкиот мандат.
Парламентарното мнозинство што минатата година формира влада предводена од Миро Церар есента минатата година донесе одлука за одземање на мандатот на Јанша, при што се повика на законот за пратеници, со кој се предвидува таква постапка за парламентарци осудени на затворска казна подолга од шест месеци.
Јанша беше правосилно осуден на две години затвор за корупциската афера Патри, но кон крајот на годината беше привремено ослободен, а Уставниот суд пресудата ја поништи и одреди ново судење.
Според судот во текот на процесот не биле изнесени конкретни докази дека Јанша 2007 година, како тогашен премиер, прифатил ветување од финската компанија Патри дека ќе добие надомест ако гарантира дека компанијата ќе добие тендер за испорака на оклопни возила и оружје за словенечката армија.
Јанша од почетокот на аферата тврди дека процесот против него е воден од политички мотиви и ги отфрла обвиненијата дека примил мито.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.