-Приклучувањето на Бугарија кон Европската унија беше правилно политичко решение со долгорочна перспектива. Тоа е долгорочно решение со стратешко значење, кое ги зголемува безбедноста и стабилноста на Балканот – изјави бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на средба со членовите на Германско-бугарскиот форум, јави БТА.
Плевнелиев нагласи дека пред 20 години балканските земји биле поделени и изолирани, а денес работат на интеграција и имаат заедничка перспектива за развој.
Тој истакна дека Европската комисија планира до 2020 година да инвестира во регионот речиси 50 милијарди евра преку европските структурни инструменти. – Тоа значи дека средствата за трансгранична соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа значително ќе се зголемат, додаде бугарскиот претседател.
На форумот тој го претстави сето она што Бугарија го постигнала десет години по потпишувањето на Договорот за приклучување кон ЕУ.
Плевнелиев истакна дека сето тоа што Бугарија го постигнала во овој период се должи на „поттикот што го даваат европските интеграции“.
Тој посочи дека денес Бугарија е “незаобиколен фактор за стабилноста на Балканот, држава преку која поминуваат најмногу европски транспортни коридори и која работи за модернизирање на својата економија и постигнува резултати“.
Според него БДП на Бугарија изминатите десет години двојно се зголемил и државата издвојува три пати повеќе средства за образование, здравство и за пензии.
Тој додаде дека државниот долг се намалил за три пати, а преку странските инвестиции се зголемил за седум пати.
– Германско-бугарските билатерални односи исто така се развиваа. Трговската размена меѓу Германија и Бугарија изминатите десет години двојно се зголеми. Германија денес е најголемиот трговски партнер на Бугарија, а бројот на германските туристи се зголемил значително изминатите години – истакна тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.