Итар Пејо е нашиот Хамлет, а Цепенко нашиот Шекспир. Многу често се навраќам на неговиот „Силјан Штркот“ и сè повеќе и подлабоко доаѓам до сознание дека, онаков каков што е напишан и раскажан, е невозможно да е само пренесен од народните преданија. За да се состави таква приказна, потребно е многу ум и душа… Таа приказна е еднаква, па дури и подобра од многу слични приказни во светската литература – има изјавено Благоја Спиркоски-Џумерко, меѓу народот познат преку неговиот Итар Пејо од „Солунски патрдии“. Денеска тој си замина од овој свет. Ќе го паметиме итриот прилепчанец… ќе го споменуваме, ќе зборуваме за неговите брилијантни улоги.

Тој веројатно еден од малкуте актерите што успеал да ја префрли својата улога на својата ќерка. Пред две години неговата ќерка Марија Спиркоска-Илијеска го доби ликот на Итар Пејо во римејкот на претставата „Солунски патрдии“.

Марија се присетува на деновите кога татко ѝ беше Итар Пејо.
– Театарската претстава се правеше во Прилеп. Иако бев многу мала, имав можност неколкупати да влезам во таа претстава и одозгора, од куќата на Фатиме, да ја гледам претставата. Бев облечена како останатите актери. Создававме некоја слика дека горе има и мали деца, родени од девојките во куќата на Фатиме. Беше возбудливо. Никогаш не помислував дека ќе ја добијам улогата што ја играше татко ми. И кога ми се јави Коле Ангеловски на телефон, за мене беше шок. Прво не знаев како да му соопштам на татко ми дека ќе го играм ликот на Итар Пејо. Не знаев како ќе го прифати сето тоа. Кога му кажав, сè помина во тишина. Една непријатна тишина, онаа тишина кога се радуваш, а не сакаш да истакнеш колку се радуваш и колку ти значи тоа… – ни изјави тогаш Марија.
Таа додаде:
– Имав мал проблем да создадам лик што нема да потсетува на ликот на Итар Пејо кој го игра татко ми. Ја чувствував неговата интонација во мојот говор и во моите реплики. Како да го слушав него. Баш им велев на останатите како ќе постигнам јас да направам нешто друго, а да не потсетува на глумата на татко ми. Ете, тој момент со манџите. Беа совршено кажани во улогата на Џумерко. Сега јас треба да го кажам тоа поинаку и да биде подобро од она што го правел тој. Ми рекоа да го правам само она што го чувствувам. И можеби е најдобро да биде „копи-пејст“. Се смеевме дека фамилијата на крај ќе треба да бара авторски права за ликот на Итар Пејо. И посакувам оваа улога да ја наследи некое од моите две деца, ќерката или синот. Се надевам дека по 25 години ќе се случи тоа. Јас ја добив улогата по 25 години од премиерната изведба во Прилеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


