Собранието го донесе Законот за ратификација на Рамковната спогодба помеѓу Република Македонија, застапувана од Владата на Македонија, и Европската комисија за постапките за спроведување на финансиската помош од Унијата за РМ во рамките на спроведување на помошта според Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2).
Со оваа спогодба се обезбедува правна основа за финансиска помош од Европската унија за РМ во рамки на ИПА 2. За седум години (2014-2020) РМ има пристап до фонд од вкупно 664,2 милиони евра. За тековната 2015 има на располагање 88,9 милиони евра.
Помошта е наменета за спроведување реформи важни за подготовката на Македонија на патот за членство во ЕУ. Планираните средства ќе се распределат за реформи во различни области – демократија и владење на правото, човекови права, животна средина и климатски активности, судство, социјална политика, рурален развој…
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими истакна дека со Спогодбата ќе се овозможи зајакнување на капацитетите на институциите и економско-социјален развој на земјата.
– Со ратфикација на документот од Парламентот ќе се овозможи и операционализација и користење на овие средства, за периодот 2014-2020- рече Бесими.
Пратеникот Антонио Милошоски подвелече три суштински работи во оваа спогодба, од која првата, според него, е во тоа што ЕУ и доделува на РМ средства затоа што има доверба во македонските институции и поради европската ориентација на земјата.
– Втората суштинска работа е поврзана со сумата која не е за занемарување, Секоја година по околу 80 милиони евра се на располагање, а трета суштинска работа е тоа што оваа претпристапна помош не е донација или милостина туку поддржување на реформскиот процес со цел да се постигнат нови норми и стандарди во областите за кои средствата се наменети- истакна Милошоски.
Пратениците очекуваат повисок процент на искористеност на парите во ИПА 2 во однос на ИПА 1, затоа што новата компонента нема стриктни критериуми и средствата може да се алоцираат. Но бараат и поголема контрола на спроведувањето на ИПА 2.
На седницата беше донесен и Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на РМ и Советот на министри на Босна и Херцеговина за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Пратениците го усвоија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство во прво читање, кој го појасни заменик-министерот Драган Недељковиќ.
Со измените се предлага Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) и Агенцијата за катастар за недвижности заемно да користат податоци за недвижности кои се предмет на работа на УЗКН. Обврска е тие електронски да се поврзат со што сите промени кои произлегуваат од актите за заштита на недвижно културно наследство ќе бидат навремено ажурирани во Катастарот. Тоа ќе спречи девастација и уништување на заштитени културни добра што се случувало во минатото поради несинхронизираност на двете институции.
Во прво читање беше поддржан и Предлогот на закон за Државното правобранителсто, кој предвидува електронско поврзување со Агенцијата за катастар на недвижности и поедноставување на постапката за користење и размена на податоците.
Првиот дел од денешната седница заврши во текот на расправата за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вештачење во прво читање.
По редовната попладневна пауза, Собранието на РМ ќе ја продолжи 53-тата седница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.