| четврток, 6 декември 2018 |

Илија Димовски и Борче Стамов на панел дискусија во кампот „Чуварите на демократијата“

И во минатото и сега, се истите луѓе се вртат и бараат некакви права. Пред неколку години еден образовен форум финансиран од СОРОС тргна по сите градови да формира невладини организации, токму за млади луѓе, со една идеја понатаму да се формира едно младинско Собрание, нешто што не успеа целосно, но делумно ја направија базата да речеме и неколку години подоцна се формираа т.н. пленуми кои почнаа да организираат некакви протести, меѓутоа суштината остана нејасна- кои се барањата, која е неправдата или која е диктатурата на режимот што многу често тие го споменуваат, подвлече градоначалникот на Дојран

Во кампот на „Чуварите на демократијата“, вечерва се одржа Панел дискусија со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов, на тема „Лажното претставување на опозицијата и нивните перјаници“.

Димовски на почетокот на дискусијата потсети за менувањето на ставовите на лидерот на опозицијата Зоран Заев.
– ВМРО-ДПМНЕ како партија и нејзините структури, нејзините лица, поддржувачи, имаме принцип, кога ќе кажеме нешто сакаме да стоиме на тоа и секогаш максимално се трудиме да останеме на зборот кој сме го кажале. Кај нив тоа станува дневна шема. Не е важно што се кажало, не е важно ни утре што треба да се каже, но се менуваат ставовите. Но, поголемиот проблем е тоа што нивните членови го прифаќаат тоа како сосем нормално. Вчера гледам во нивниот камп држат дебата за граѓанско општество и седнале тројца. Едниот сопруг на пратеничка од СДСМ, вториот братучед на пратеничка од СДСМ, третиот министер во Влада на СДСМ и тие мака немаат да кажуваат дека се независни, дека се неутрални, дека се борат за граѓански права, дека политика не ги интересира, партии не ги интересираат и си велиш- луѓево дали мислат дека сите други ги лажат или може си веруваат во тој концепт – истакна Димовски.

Додаде дека македонската левица во изминативе 20 и повеќе години, нема концепт, принципи, вредности и идеологија.

Стамов пак, подвлече дека се множи бројот на невладините организации на опозицијата, но се намалува бројот на нивни активисти.

-И во минатото и сега, се истите луѓе се вртат и бараат некакви права. Пред неколку години еден образовен форум финансиран од СОРОС тргна по сите градови да формира невладини организации, токму за млади луѓе, со една идеја понатаму да се формира едно младинско Собрание, нешто што не успеа целосно, но делумно ја направија базата да речеме и неколку години подоцна се формираа т.н. пленуми кои почнаа да организираат некакви протести, меѓутоа суштината остана нејасна- кои се барањата, која е неправдата или која е диктатурата на режимот што многу често тие го споменуваат, подвлече градоначалникот на Дојран.

Координаторот Димовски, додаде дека СДСМ, сега е во една фаза во која не им се само ВМРО-ДПМНЕ, Парламентот, Владата, коалиционите партнери и Јоханес Хан, туку народот им е крив.

– Сега луѓето им се криви, народот им е крив, комшиите кои не одат со нив на протести им се криви, комшиите кои им викаат- што правите гледате дека економијата ја загрозивте, меѓуетничките односи ги загрозивте, меѓународниот углед на државата го упропастивте…, сега тие им се криви. Сите ние кои размислуваме различно од нив сме или глупави, или неписмени или платеници. Така не претставуваат, додаде тој.

Во панел дискусијата се вклучија и граѓани кои поставуваа прашања и даваа свои мислења.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top