| четврток, 6 декември 2018 |

Коцијанчич: Разјаснета е изјавата на Хан, в среда ги чека политичките лидери од Македонијa

Европската комисија денеска и официјално го потврди за в среда (10 јуни) состанокот на комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, со македонските политички лидери, на кој треба да се стави параф на договор за ставање крај на политичката криза во Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел.

maja-kocijancic-01_768826

 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, денеска рече дека Хан ги очекува лидерите на попладневен состанок в среда и нема потреба од понатамошно разјаснување за тоа што комесарот го кажа во Вашингтон минатата недела, а во врска со оценката на минатогодишните избори во Македонија. ­

– Оваа среда на 10­ ти јуни, комесарот Хан во Брисел ќе се сретне со политичките лидери од Македонија за да продолжат разговорите за наоѓање на решение за политичката криза што се одвива во земјата. Ја видовте неговата изјава и се повикавте на неговата изјава од петокот, што за нас е разјаснување и јасно ја посочува нашата позиција кога станува збор за последните избори што се одржаа во земјата и извештаите на ОБСЕ за ова и сега се подготвуваме за состанокот во среда и веруваме дека решение на политичката криза во земјата е од најголема важност и се разбира ЕУ игра силна улога во помагање за истата да се реши, истакна Коцијанчич.

Според гласноговорничката на Хан, се уште е неизвесно дали на состанокот во среда ќе присуствуваат само Никола Груевски (ВМРО­-ДМНЕ) и Зоран Заев (СДСМ), заедно со комесарот за преговори за проширување или ќе дојдат и Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ) од минатата недела во Скопје, што го потпишаа документот за составување рамка за договор за излез од кризата што треба да заврши со избори во април идната година.

Според Коцијанчич, петочното соопштение на ЕК по телефонскиот разговор на Хан со Заев, што следеше по заканата на лидерот на СДСМ дека нема да дојде на преговорите во среда „поради пристрасност на Хан”, доволно го отсликало ставот на еврокомесарот за минатогодишните избори и дека затоа Комисијата и самиот Хан, повеќе нема да коментираат за тоа. ­

-Како што реков, ние очекуваме политичките лидери од земјата да партиципираат на овој состанок и најважно е сите да учествуваат. Кога станува збор за отворените прашања, Хан лично стави јасно до знаење минатата недела дека некои прашања се дискутирани и договорени, но дека има уште бројни други прашања што допрва треба да се дискутираат и очекуваме ова да се случи оваа среда, посочи Коцијанчич.

Во соопштението на ЕК од петокот, а во однос на изјавата на Хан во Вашингтон дека „ланските избори во Македонија биле генерално позитивни со одредени забелешки на ОБСЕ/ ОДИХР”, Комисијата наведе дека во телефонскиот разговор со Заев, Хан потврдил дека „целосно и недвосмислено ја поддржува оценката на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и предвремените парламентарни избори во Република Македонија во 2014 година”. ­

Тој ги повтори забелешките на ОДИХР дека изборите беа ефикасно спроведени, но дека имало голем број сериозни проблеми, особено во однос на несоодветната поделба меѓу партиските и државните активности, обвинувања за заплашување на гласачите и пристрасност на медиумите во корист на владејачките партии. ЕК, исто така, редовно изразува загриженост во врска со точноста на избирачките списоци и на сите овие прашања треба по итно да им се посвети внимание во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и препораките на Венецијанската комисија, наведе неформалната Влада на ЕУ.

Инаку, според информациите од Европскиот парламент, поради целосна партиска застранетост, необјективност и пристраснот на Ричард Ховит од таборот на европските социјалисти и демократи на последнио состанок во Стразбур, тој отпаднал од составот на „тројката” од ЕП што претходно олеснуваше меѓу претставници на ВМРО­ДПМНЕ и СДСМ. Со цел да не се случи политички дисбаланс, поради отпаѓањето на Ховит, своеволно од групата се откажа и Едвард Кукан од Европската народна партија (чија членка е ВМРО­ДПМНЕ). Па, така, во среда е можно единствено да присуствува известувачот за Македонија од ЕП, Иво Вајгл, кој доаѓа од таборот на Алијансата на европските либерал­демократи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top