| четврток, 6 декември 2018 |

Чешка научничка откри иновација при вештачкото оплодување

oploduvanje
Истражувањето на чешката научничка Зузана Холубцова одговори на многу прашања кои досега не биле познати во врска со внатрешноста на јајце клетката пред да настане оплодувањето, јави дописникот на МИА од Прага.

Холубцова во истражувачката лабораторија во Кембриџ, открила која е причината за тоа што човековите јајце клетки некогаш имаат погрешен број на хромозоми.

– Тие користат различен механизам за креирањето на митотичното вретено токму поради тоа што немаат центрозом. Тоа е делење многу склоно кон грешки, а тоа е основен предуслов за тоа зошто кај човечките јајце-клетки постои можност да содржат погрешен број на хромозоми, објаснува Холубцова за престижното списание „Најчр“.

Основа на истражувањето била техниката на оформувањето на живите клетки и нивното снимање.

Имено, доколку хромозомите не се поделат точно на половина, ембрионот нема да преживее или може да има генетски дефект, како што е Дауновиот синдром. Понатамошен резултат на истражувањето е утврдувањето на тоа колку долго трае секоја фаза на развојот.

– Можеби тоа ќе им помогне на ембриолозите да го откријат точното време на оплодувањето, за да може јајце клетката да биде подготвена во моментот на оплодување, рече Холубцова, која за две години извршила истражување на јајце клетки на 180 пациентки.

Во Чешка, каде од 1984 година се спроведува вештачко оплодување, секое трето е успешно. Методите постојано се подобруваат и во последно време се зборува за нова постапка на тестирање.

Се работи за тоа што секоја жена е подготвена за оплодената јајце клетка во друг ден на циклусот и постапката е таква што лекарот ќе земе клетки од матката кои генетски ги испитува и доколку се покаже дека телото е подготвено за вештачко оплодување се пристапува на тоа во наредниот циклус.

Исто така, сега уште пред да се стави ембрионот во матката се испитува дали е здрав и на тој начин пациентката не се става на ризик да е потребен прекин на бременоста во иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top