Грчки владини претставници денеска ја отфрлија можноста за предвремени избори преку кои би се прекинала блокадата на меѓународните кредитори на земјата, еден ден откако премиерот Алексис Ципрас го отфрли последниот предлог на кредиторите за „пари за реформи“, пренесе БТА.
Некои хардлајнери во владеачката партија СИРИЗА, вклучувајќи и еден заменик министер, во текот на неделата споменаа дека се неопходни нови избори за да се обезбеди општествената легитимност за тешките одлуки, кои се неопходни за да се добие финансиската помош.
Ципрас, меѓутоа, за време на својот вчерашен говор во Парламентот не го спомена овој аспект за излез од кризата. Место тоа тој се фокусира на напад врз условите на планот за помош, предложен од кредиторите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд.
-Нема причина за избори, изјави министерот за здравство Панајотис Курумблис во денешното телевизиско интервју. „Силно верувам дека ќе има спогодба“, додаде тој.
Министерот за енергетика, Панајотис Лафазанис, кој е од тврдите левичари во СИРИЗА, но е близок со Ципрас, исто така, ги отфрли тврдењата за избори, изјавувајќи за неделното издание „Агора“ дека Владата има полн мандат да ја реализира својата програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.