| четврток, 6 декември 2018 |

„Филмови на големото срце“ – филмски фестивал за деца „Тинтири – Минтири филм фест“ во Кинотека

Под мотото „Филмови на големото срце“ од утре до 7-ми јуни во Кинотека на Македонија ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“.

Tintiri mintiri posteri (2)

Фестивалот е во организација на ДКЦ Тинтири Минтири, Аурипигмент продукција и Кинотека на Македонија. За официјалната награда се пријавени 96 филмови за деца од цел свет, од кои организаторите одбраа 10 што ќе и бидат прикажани на македонската публика. Новитет на македонската фестивалска сцена е прикажувањето на осум краткометражни филмови изработени од 70-тина деца, членови на ДКЦ Тинтири Минтири.

– Со децата кои се зачленети во центарот работиме на сите аспекти од филмот, почнувајќи од развој на идеја, преку синопсис, сценослед, сценарио, поделба на улоги, глума, режија, камера, тон, монтажа … Нашите членови стекнуваат важни искуства поврзани со филмската уметност и воедно ја задоволуваат потребата за креативно изразување. Со детските филмските дела се верифицира нивниот труд и желба за работа. Нивната возбуда кулминира со премиерното фестивалско прикажување на делата што сами ги направиле – вели раководителот на центарот Тинтири Минтири и директор на фестивалот Кузман Кузмановски.

Најдобриот филм на фестивалот ќе биде прогласен по гласањето на детската публика. Во рамки на Тинтири Минтири филм фест ќе бидат организирани и две работилници – едната за архивирање на филмовите, на која децата ќе можат да видат како се чува македонското филмско наследство за идните генерации. Втората работилница е за изработка на анимирани ликови и е наменета за деца од 6 до 11 години. Билетите за проекциите се бесплатни за сите посетители.

На фестивалот ќе биде објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање филм. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: kc.tintirimintiri@gmail.com и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје.

Центарот продолжува со работа и со организирање на летни активности поврзани со филмот и филмската уметност. Екипата на Центарот се состои од режисер, сценарист, снимател, актер, педагог, социолог, како и други соработници и популарни и докажани професионалци од аудиовизуелната област.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top