| четврток, 6 декември 2018 |

Поддржани 99 проекти од Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд

буса

Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ ПМГ) во Македонија одбележува 10 години работење во земјава.

Во текот на изминатите 10 години, преку Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, финансирани се вкупно 99 проектни иницијативи низ целата земја во области како што се зачувувањето на биолошката разновидност, спречувањето и ублажувањето на последиците од климатските промени, намалувањето на емисиите на неразградливи органски загадувачи и заштита на меѓународните води.

Како резултат на овие проекти, во Македонија се заштитени 13 автохтони и глобално значајни видови (овца Праменка, македонска медоносна пчела, крава Буша, воден бивол, жолт локвањ, локален вид на јаболка (циганка) и круша (сулија), лилјаци, македонската речна пастрмка, рибата речен вретенар, кучето шарпланинец, домашната кокошка – сребра, папрат).

Реализирани се неколку проекти од заштитата и управување со глобално значајните области (Кањон Матка, Вевчански извори, Смоларски водопади), потоа промоција на велосипедот како средство за јавен транспорт и формирање на првиот систем за изнајмување велосипеди во Скопје. 

Промовирано е и прво производство на биодизел од отпадно растително масло кое се користи 100 проценти во дизел моторите на земјоделските машини во источна Македонија.

Резултати се забележани од проектите за промовирање на енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија во околу 40 едукативни објекти. 

Со реализираните проекти, спречено е горење на околу 30 отсто од пластичниот отпад од југоисточна Македонија на тој начин е спречено испуштањето на емисиите на диоксини/фурани во воздухот. 

– Оваа годишнина е посебна бидејќи ни дава можност да покажеме како заедниците можат да работат креативно и успешно за да ја заштитат и зачуваат животната средина – вели Луиза Винтон, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.

Според неа, добрите национални политики се клучни, но секоја позитивна промена прво се случува на локално ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top