| четврток, 6 декември 2018 |

Трансформиран работниот однос на 125 жени прекинат поради бременост

655-402-bremennost
До стручната комисија при Министерството за здравство пристигнале 130 барања за трансформација на прекинат работен однос поради бременост. Од нив 125 се веќе решени и на овие лица работниот однос веќе може да им биде трансформиран во редовен, информираа денеска од Министерството.

– Во рамки на имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, Министерството за здравство формираше Стручна комисија за разгледување на случаите на лица чии договори биле прекинати поради бременост, раѓање и/или мајчинство, и досега се поднесени вкупно 130 барања за издавање потврда за исполнетост на условот за прекин на работниот ангажман, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Оттаму додаваат дека стручната комисија континуирано ги разгледува доставените барања, во рамки на состаноците кои се одржуваат два пати неделно и оти веќе се комплетно решени над 125 предмети.

– Станува збор за многу значаен чекор од имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој се опфатени волонтери, лица ангажирани со договор на дело, авторски и други договори, во органите на државната управа, локалната самоуправа и јавната администрација, имајќи предвид дека врз основа на потврдата од Стручната комисија, работодавецот ќе одреди дали лицето ги исполнува условите за трансформација во редовен работен однос, се потенцира во соопштението.

За издавање на потврдата, до Министерството за здравство се поднесува барање – писмено барање или пополнет образец, кој е достапен на веб страната на МЗ), како и отпусно писмо од родилиште и извод од матична книга на родените за детето, и истите се поднесуваат по пошта или во архивата на Министерството.

Инаку, во областа на здравството континуирано се спроведува имплементацијата на Законот за трансформација во редовен работен однос и досега се издадени согласности за трансформации во редовен работен однос во 86 јавни здравствени установи од вкупно 106 јавни здравствени установи кои ја поднесоа потребната документација за трансформација, односно досега се издадени согласности за трансформации на вкупно 1.357 лица, од кои во првата фаза – 485, во втората фаза – 468 и во третата фаза – 404.

Оваа мерка, како што се вели во соопштението, овозможува значаен финансиски бенефит и финансиска сигурност за лицата, како и долгорочно решавање на егзистенцијалното прашање на голем број семејства во државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top