Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денес на аеродромот „Александар Велики“ присуствуваше на испраќањето на 2. Ротација на дел од македонскиот контингент во мисијата на НАТО, „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
-Ви пожелувам успешна мисија, достојно да ја претставите Република Македонија и здрави и живи да ни се вратите нам и на вашите семејства“, им порача министерот на 13-тмината припадници на Армијата на Република Македонија кои ќе бидат дел од турскиот контингент во рамките на Командата на главниот град, Кабул. Особено задоволство, додаде министерот, ми е што сте дел од турскиот контингент, што е уште еден доказ за големото пријателство помеѓу двете земји. Со учеството во рамките на „Одлучна поддршка“ вие од една страна придонесувате кон мирот, безбедноста и слободата во Авганистан, а од друга се стекнувате со вештини и способности кои ќе ве направат уште подобри офицери на Армијата на Република Македонија, заклучи министерот.
На испраќањето, амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Омур Шолендил им посака многу среќа, на како што рече, хероите од Армијата на Република Македонија и им порача дека турскиот контингент можат да го сметаат и за нивен дом.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески додаде дека заедничката мисија во Авганистан, е уште една потврда за повеќе од успешната соработка со Република Турција.
Дванаесетте офицери и еден подофицер кои заминаа во Авганистан, се дел од 39 припадници на Армијата на Република Македонија кои ја продолжуваат определбата на Република Македонија за придонес во рамките на меѓународните мировни мисии, а со тоа и придонес кон напорите за воспоставување на мир и демократија на глобално ниво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.