| четврток, 6 декември 2018 |

Помош од ЕУ за капацитетите на регулаторите во телекомуникаците и медиумите

aek

Примена на ефикасна регулација за новите дигитални и повеќенаменски сервиси и креирање конкурентна средина за развој на бизнисот и заштита на потрошувачите, беше целта на проектот IPA TAIB 2009 што го спроведоа агенциите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за електронски комуникации со финансии од Европската унија.

Проектот што почна во септември 2013 година и за кој беа обезбедени над 0,8 милиони евра беше заокружен денеска со завршна конференција на која беа претставени резултатите од неговата примена. Проектните активности се одговор на забелешките од поглавјето 10 во Извештајот за напредокот на земјата за 2013 година. Се зајакнуваа капацитетите на регулаторите во областа и се усогласуваше македонската со европската регулатива.

– Преку проектот капацитетите на телекомуникациските и медиумските регулатори беа зголемени за неколку параметри, како што се: следење на развојот на пазарот на комуникации, спроведување на регулаторната рамка на ЕУ за електронски комуникации и за аудиовизуелни медиумски услуги, вршење различни типови на содржинска регулација во полето на електронските комуникации и радиодифузијата, како и градење ефикасен систем за заштита на потрошувачит – рече заменик-министерката за информатичко општество  и администрација Арсовска Томовска.

Според неа, како резултат на политиките и мерките кои се прeземаат за напредок во полето на комуникациско-информациските технологии и услуги, Македонија се искачи за 10 позиции заземајќи го 47 место во глобалниот индекс за информатичко општество, односно бележи скок од 20 места во изминатите две години.

Потенцирајќи дека според Светска банка за секои 10 проценти раст на навлегување на широкопојасниот интернет, соодветствува од 1 до 1,5 проценти економски раст на бруто-домашниот производ во државата Арсовска Томовска порача дека е многу важно да се овозможи комплетно широкопојасно покривање на целата територија на Македонија  од што ќе има придобивки целата економија.

– Годините што следат ќе бидат  несомнено клучни за унапредување на традиционалните мрежи кон новите генерации широкопојасен интернет и оние кои ќе го разберат значењето и улогата на ваквите инвестиции ќе обезбедат сигурен бенефит во следните години – рече заменик-министерката за информатичко општество и администрација.

Мартин Клауцке, раководител за соработка при Делегацијата на ЕУ во Македонија, појасни дека од проектот произлегоа различни пакети документи, прирачници и упатства и системи за квалитет на управување и зајакнување на капацитетите на регулаторите за телекомуникации и медиуми за да можат да ги следат настаните на пазарите  во овие области, да ги спроведуваат релевантните ЕУ регулативи, да ги надградат своите системи  и да изградат ефикасен систем за заштита на потрошувачите.

ЕУ  помошта во оваа област, најави, нема да заврши со овој проект. -За неколку месеци очекуваме нов твининг проект со  Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги за слобода на изразување и поддршка на медиумските реформи. Твинингот ќе  биде придружен со ЕУ финансиран проект за набавка на опрема за мониторинг на медиумската содржина и би сакале да ги поканиме граѓанските организации да аплицираат за учество во проектот којшто има севкупен буџет од 5 милиони евра кои ќе бидат достапни- рече Клауцке.

Во изминатите неколку години, посочи, слободата на изразување на медиумите е едно од главните прашања на загриженост за Европската комисија, која во последниот извештај истакнува оти има напредок во однос на ситуацијата на слободата на изразување, но оваа ситуација се уште е проблематична.

Во  однос на транспарентноста  во Законот за аудио и аудио возиуелни медиумски услуги, нагласи Клауцке, треба да се почитуваат сите  овие одредби целосно и да се осигура дека јавните средства се користат за обезбедување информации кои се од општ јавен интерес и за промовирање на активностите на Владата.

– Регулаторот кој неодамна го смени своето име ги прошири мониторингот, медиумската сопственост и пазарната концентрација, но и натаму има прашања во однос на објективноста и транспарентноста која се однесува на овој пристап. Политичката независност на јавниот радиодифузен сервис се уште не е цврста. Ова беа пораките кои беа истакнати во Извештајот за напредок, но и денеска се исто така валидни- наведе Клауцке.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top