Државата води силна грижа за лицата од социјалните категории. Од 2006 година наваму, владата ја зголеми социјалната парична помош за 47 проценти, а постојаната за 46 насто. Социјалната помош во 2006-та изнесувала 2.900 денари, а за 1 месец ќе изнесува 4.700 денари. Постојаната парична помош во 2006 година била 3.695 денари, а во јули ќе изнесува близу 6.000 денари. Истовремено, повеќе од 9 илјади деца од социјално ранливите семејства отидоа на бесплатен одмор.
-Пред три месеци донесовме одлука и таа ја објавивме дека годинава нема да биде 5 проценти зголемувањето на социјалната и постојната парична помош, туку дека ќе биде 10 проценти и тоа зголемување ќе биде од следниот месец во јуни со земањето на тие средсва во јули. Не за 10, туку за 25 проценти ќе порасне зголемувањето на згрижувачките семејства и на родителите кои имаат деца со пречки во развојот – изјави вчера премиерот Никола Груевски.
Додека во многу европски земји, се уште на сила се мерките за штедење како последица од економската и финансиската криза, властите во Македонија најавуаат и покачувања на платите и пензиите. Истовремено, економијата се поттикнува со нови мерки, се отвораат нови можности за невработените лица, фирмите се ослободуваат од плаќањето на придонесите, а даночните стапки остануваат на исто ниво.
Растат и платите и пензиите
Следното покачување на пензиите е најавено за октомври. Пензиите се зголемени за 62 отсто, а најниската за 76 проценти. Покрај зголемените пензии, пензионерите добија и други бенефиции- 25 илјади отидоа на бесплатана бања, а годинава ќе заминат уште 5 илјади пензионери.
Од 2006-та наваму, статистиката покажува дека платите на вработените во администрацијата се зголемени за повеќе од 27 отсто. Станува збор за покачување на платите кое се случуваше во неколку наврати изминатите години а последното покачување беше во октомври 2014 година кога последен пат се покачи платата за 4 отсто.
Дополнително, според најавите на надлежните, платите во јавниот сектор ќе се зголемат за вкупно 21,5 отсто, односно секоја година во октомври вработените во администрацијата да земаат плата покачена за по 5 отсто.
Експертите сметаат дека со зголемувањето на платите и пензиите, дополнително ќе се раздвижи економијата, бидејќи тоа ќе претставува стимул за зголемување на потрошувачката.
-Секое зголемување на платата значи поголема мотивација, поголема мотивираност. Парите се најголема мотивација, па оттаму овде имаме една поддршка и поттик за еден слој од општеството кој е многу значаен. Мора да имаме предвид дека се напуштаат оние сфаќања дека администрацијата е бирократизиран дел кој нема функција туку дека е терет во општеството, современите трендови докажуваат дека администрацијата е таа која продуцира услуги и дава подобар квалитет на живеење и со самото тоа таа заслужува подобро место во општеството. Се работи за едуцирани и способни поединци кои што со своето знаење придонесуваат во функционирањето на бројни системи и од таму поддршката што ја добиваат преку зголемување на платите значи компензација на трудот и поголема мотивираност да се подобри квалитетот на нивната работа – смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.
1.216 лица вработени за еден месец преку „Македонија вработува“
Проектот „Македонија вработува“ ги дава очекуваните резултати. За само еден месец досега се вработени 1.216 лица преку овие мерки, соопшти вчера премиерот Груевски.
-Тоа е идентично како четири фабрики со по 300 и неколку луѓе или една голема од 1.216 луѓе. Се обидувам пластично да пренесам што значи за еден месец да бидат вработени 1.216 лица. Јас верувам дека овој проект понатаму ќе продолжи со ваква и уште посилна динамика бидејќи првиот месец се уште сите не ги знаат условите, а сега веќе полека сите ги дознаваат тие услови коишто се за вработување – рече Груевски.
Мерките од програмата „Македонија вработува“, освен што ќе се придонесат за отворање на нови работни места за невработените лица од повеќе категории, истовремено ќе придонесат за раздвижување на пазарот, ќе влијаат на развојот на компаниите, а ќе се забрза и развојот на економијата, сметаат експертите.
Креираниот пакет законски измени ги мотивира компаниите да отвораат нови работни места, бидејќи во одреден временски период, зависно од категоријата на ангажираната работна сила, ќе бидат ослободени од плаќање придонеси и персоналец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.