Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на денешната седница ја разгледа актуелната состојба за односите со Српската православна црква и начелно го прифаќа предлогот за продолжување на дијалогот меѓу двете цркви што беше објавен во соопштението од Архиерејскиот Собор на СПЦ.
Во соопштението од МПЦ-ОА се наведува дека истовремено архиереите на МПЦ изразуваат благодарност до Соборот на СПЦ за потсетувањето дека Христовата љубов е безусловна и во тоа име доколку е потребно, а во границите на своите можности, посочуваат, Синодот на МПЦ може повторно да побара милост од надлежните државни органи во случај на неповолно завршување на споменатите судски процеси.
– Исто така, во меѓусебната комуникација, додека траат разговорите, Синодот очекува, а би било општополезно, браќата од СПЦ да се однесуваат со почит кон МПЦ и тоа барем во онаа мерка што тие постојано ја манифестираат кон инославните, стои во соопштението.
Составот на комисијата за разговори и конечните ставови Синодот на МПЦ информира дека ќе ги донесе на седницата во полн состав.
Светиот Архиерејски Собор на Српската православна црква пред два дена го одобри продолжението на дијалогот меѓу претставници на СПЦ и Македонската православна црква – ОА, а условот, како што се наведоа, е стопирање на прогонот на владиката Јован и на свештеници и верници на т.н. Православна охридска архиепископија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.