Преку дваесет лица за секој случај почнаа да примаат терапија за антракс откако американската армија по грешка испратила активни примероци на смртоносната бактерија до цивилни лаборатории во девет сојузни држави и до армиска лабораторија во Јужна Кореја.
Властите наведуваат дека четири лица вработени во лабораториите во САД, како и 22 членови на воздухопловната база Осан во близина на Сеул, можеби, биле изложени на антраксот испратен од армискиот полигон Дагвеј во сојузната држава Јута. Лабораториите и базата во Сеул требало да добијат неактивни спори на антракс како дел од програмата на Пентагон за развивање на тестови за идентификација на биолошки закани на терен.
Лабораториите каде што пристигнале активните примероци на антракс се наоѓаат во сојузните држави Калифорнија, Тенеси, Делавер, Мериленд, Њу Џерси, Њујорк, Тексас, Вирџинија и Висконсин. Кон крајот на минатата недела, лабораторијата во Мериленд ги алармирала властите дека добиените примероци се активни.
Портпаролот на Пентагон, полковникот Стивен Ворен соопшти дека Одделот за одбрана нема информации дека постои опасност или, пак, осомничени или потврдени случаи на инфицирани во лабораториите. Според армиски извори, веќе се уништени примероците на антракс испратени до базата во Јужна Кореја.
Американскиот центар за контола на болести врши истрага за случајот. Ворен рече дека Пентагон запрел со испораката на антракс и дека нема да продолжи сѐ додека не заврши истрагата.
Контактот со живи примероци на антракс може да доведе до симптоми слични на грип и тоа може да заврши фатално без навремен лекарски третман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.