| четврток, 6 декември 2018 |

Недоволно познат, доволно профитабилен

Морковите можат да се поделат во две класи, источни и западни. Припаѓаат на фамилијата Apiaceae и постојат преку 100 вида. Источните моркови потекнуваат од Азија, и тие обично се виолетови (црна кралица – daucus carota) или жолти со разгранет корен. Виолетовата боја во морковот доаѓа од пигментот антоцијан. Западниот морков потекнува од Холандија и е со портокалова боја. Бојата произлегува од каротенот што го содржи морковот

Морковот е растение со дебел меснат корен во почвата и перјести зелени листови над почвата. Кај нас има поволни услови за одгледување на овој вид зеленчук, а виолетовата боја изгледа помалку егзотично, па и цената може да му биде повисока од портокаловиот морков кој сите го знаеме.

Морковот е богат со прехранбени влакна, антиоксиданси, минерали (Mg, K, Ca) и витамини Ц и Б. Содржи висока количина шеќер, во прв ред сахароза, но многу малку скроб или масти. Во текот на првите пет месеци од складирање во морковот, се зголемува содржината на  витамин А и ако е заштитен од извор на топлина или светлост, таа содржина може да се сочува во идните три месеци. Чувањето на морковот во близина на јаболка или друго овошје кое со дозревањето произведува гас етилен, го поттикнува развојот на терпеноидите во морковот и поради тоа тој станува горчлив.

Морковот може да се консумира на различни начини: готвен, печен или суров (супи, варива и колачи). Сок од морков и цвекло се користи како прочистувач на крвта и спречува дијареја. Останатите придобивки вклу­чу­ваат олеснување од асма, нервоза и кожни болести.

purple-carrot-2

Црната кралица не е нова кул­­­тура, туку настанува со вкрс­тување на старата сорта црн морков со нам познатиот портокалов морков. По вкус е сладок и содржи повеќе бета-каротен од портокаловиот морков. Содржи антоцијан, кој е растителна материја одговорна за сите виолетови и сини бои на кои наидуваме во природата: црно грозје, плав компир, домат итн. Антоцијанот што се наоѓа во црната кралица го ослободува телото од отровните радикали во клетките и учествува во процесот на измена на енергијата во телото, регулирање на крвниот притисок и превентивно влијае врз болести, како рак и срцеви заболувања.

Високата концентрација на бета-каротен дава многу важен придонес за здравјето, бистри очи, мазна кожа и здрав изглед на косата, а исто така го забавува и спречува канцерогениот раст.

Предност на црната кралица во однос на другите сорти е што е слатка, сочна и едноставно посебна, до 40 отсто има повеќе бета-каротен, има висок процент на антоцијани и е без генетски манипулации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top