| четврток, 6 декември 2018 |

Никој не сака да биде заварувач, а платата е 1.500 евра

Несоодветно квалификуваниот кадар и натаму е еден од клучните проблеми во економијата и причина за големата невработеност. За надминување на ваквата состојба потребни се интервенции во образовниот процес, па така покрај учењето теорија, потребно е воведување и што повеќе практика, како и преквалификација или доквалификација на голем дел од струките што се на располагање, а кои не соодветствуваат со потребите на пазарот

На македонските компании итно им се потребни кадри што ќе ги работат занаетчиските и техничките работи. Тие засега се дефици­тарни на пазарот на труд бидејќи сè уште владее убеду­ва­ње­то дека се работи за валкани и слабо платени професии, па никој не се нафаќа да ги работи. Средношколците се решаваат за упис во гимназиите или во стручните училишта од типот на средното медицинското училиште каде што се надеваат дека ќе здобијат основа за свое натамошно школување на медицинскиот факултет, или општествените и природни науки. За стручните училишта каде што се изучуваат занаетите се решаваат учениците со слаб успех, кои тоа го прифаќаат како последна алтернатива за образование, без намера тоа да го работат во животот. Токму затоа мора да се разбие стереотипот дека се тоа ниско платени професии, за повеќе луѓе преку образование или преквалификација да се нафатат да ги работат, со оглед на тоа дека заварувач добива 500 до 1.500 евра плата, а управувач со кран или со тешки машини најмалку 600 евра,. Укажувањата и на стопанствениците и на нивните асоцијации посочуваат дека несоодветно квалификуваниот кадар и натаму е еден од клучните проблеми во економијата и причина за големата невработеност. За надминување на ваквата состојба потребни се интервенции во образовниот процес, па така покрај учењето теорија потребно е и воведување што повеќе практика, како и преквалификација или доквалификација на голем дел од струките што се на располагање, а кои не соодветствуваат со потребите на пазарот.

ekonomija142-3

– Децата уште при упис во средните училишта делумно поради своите, а делумно поради убедувањето на родителите избираат училишта што не се занаетчиски. Девизата „Учи за да не работиш“ е длабоко вкоренета во менталитет на луѓето, па сите ги тераат децата да учат за да не бидат работници. Токму тоа продуцираше многу магистри и доктори на науки, кои сега седат дома, додека компаниите мака мачат да најдат кадри за работа во градежништвото, пекарството, леарството. И сосема е погрешно мислењето дека се тие слабо платени работи. Зар е ниска платата од 1.500 евра, колку што добива заварувач, наспроти 20.000 или 30.000 денари, колку што добиваат службениците што имаат завршено факултет.

Разликата во плата е преголе­ма за луѓето да се раководат од старите предрасуди и поделба на професиите на добри и на лоши, притоа повеќе да се решаваат да седат дома со диплома и без работа и плата, наспроти можноста за пре­квалификација и добра заработка. Затоа држи старата поговорка, дека секој е ковач на сопствената среќа или несреќа. Луѓето мора да ја променат прво својата свест, а потоа и професијата – велат социолозите.

Според побарувачката за работници, компаниите засега имаат најголема потреба од машинобравари, ракувачи со дигалки, водоводџии, готвачи, пекари заварувачи, кранисти, градежни работници, монтери.

– Пазарот на труд е неурамнотежен. Постои голем дел неквалификувани кадри, особено со средното стручно образование, на кои отпаѓаат 85 проценти од вкупната невработеност. Преостанатите 15 проценти се лица со високо образование, магистри и доктори на науки. Континуирано се зголемува бројот на невработени високообразовани кадри. На стопанството, компаниите, домашните и странските инвеститори им треба стручен квалификуван кадар – вели Анета Трајковска, директорката на дирекцијата на други форми на организирање при Стопанската комора.

ekonomija142-2

Сличен е ставот и на директо­рот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, според кој многу малку од тие што завршуваат образование се соодветно квалификувани, во согласност со барањата на пазарот. Тој го гледа проблемот во прекумерното запишување на општествените науки, а многу малку на техничките.

– Во последниве 20 години Македонија бележи замирање на техничкото образование, а зголемување на бројот на ученици во гимназиите. Со тој одлив, од технички во општествени науки, се намали бројот на стручно образовани лица. Треба да се подигне моралот кај учениците дека овие навидум валкани професии, всушност, гарантираат вработување. Секогаш ќе има работа за занаетчиите и за техничките струки – објаснува Поповски.

Според него, повеќе од 70 проценти од објавените огласи се барања за вработување технички кадри.

– Имаме професии што се високо платени, но младите не се во тек дека со нив може да се заработи – вели Поповски.

Во насока на преквалификување и на доквалификување на кадрите, Стопанската комора има формирано Бизнис-центар за тренинг и за обука со цел директно да се вклучи во поврзување на потребите на компаниите за квалификуван кадар и невработените лица преку обезбедување обуки за преквалификација и за доквалификација. Бизнис-центарот има вкупно 13 верификувани програми од различни области, кои покриваат побарувани занимања на пазарот на трудот како готвач во угостителски објект, келнер-гастроном, фасадер, гипсер-монтер, монтер за сувомонтажни елементи, аргон-заварувач, шивач во конфекциска индустрија, фризер, монтер за водоводна и за санитарна инсталација, туристичко-агенциски службеник, служ­беник во книговодство, ре­цепционер и изработувач на бели печива. Сите програми се спроведуваат во соработка со компании-членки на Стопанската комора на Македонија, каде што се реализира практичната настава, па компаниите што се вклучени во реализацијата на практичната настава се во можност да го препознаат квалитетниот кадар и да обезбедат нови вработувања, во согласност со нивните потреби.

Преку обуките на Центарот во изминатите две години, 33 проценти од учесниците се вработиле во струката за која се преквалификувале.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 142. број на неделникот „Република“, 22.05.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top