| четврток, 6 декември 2018 |

Бактерии откриени во вода од чешми близу цркви и џамии во Скопје

cesmicka-1
Водата од чешмите во верските дворови е зачинета со бактерии. Според информациите на „Здравство 24“ кај половината од нив биле пронајдени ешерихија коли и други патогени и заразни бактерии.

Луѓето ја пијат без да знаат дека е загадена и сериозна закана по нивното здравје. Многумина полнат и шишиња за дома. Ова го покажале последните анализи на скопскиот Центар за јавно здравје.

Најдрастичен пример е црква сместена во подножјето на Водно. Таму неколку пати по ред надлежните укажуваат за опасноста на изворската вода. Но проблемот сè уште не е решен. Експертите по хигиена предупредуваат дека нејзината употреба може сериозно да го загрози здравјето.

-Може да дојде до ентероколити, дизентерија, стомачни проблеми, повраќања и многу други заразни заболувања. Кај лица што имаат намален имунитет може да доведе до сериозни нарушувања. Не треба да се пие бидејќи е бактериолошки неисправна и граѓаните треба да бидат информирани за тоа – вели д-р Љупчо Костадиновски специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје-Скопје, пренесува „Здравство 24“.

Неисправна и загадена е и водата од селските чешми во поголем број села во Арачиново. Опасните бактерии ги демнат и младите и старите. Стручњаците велат дека не е хлорирана и затоа ја дефинираат како небезбедна за пиење.

-Ние по секоја направена анализа доставуваме извештај до ДСЗИ, Агенција за храна и ветеринарство и ЦУК. Очекуваме што ќе преземат за надминување на проблемот. треба да се постават табли и граѓаните да знаат дека е штетна за пиење – вели д-р Костадиновски.

Сличен проблем се јавува секоја година. Иако надлежните поставуваат табли, посетители на објектите ги кршат или отстрануваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top