Царините на Македонија, Србија и на Унгарија потпишаа план за соработка и олеснување на царинењето за 2015-2016 година со Народна Република Кина, во согласност со кој се воспоставуваат контактни точки и механизми за соработка и олеснување од Рамковниот договор за соработка и олеснување на царинењето.
Планот е потпишан во рамки на Форумот на директори на „Економски појас на патот на свилата“ што се одржува во Кина.
Целта на Форумот е поврзување и развој на царините, а присутни се претставници од околу 60 земји-учеснички, високи претставници на сите значајни европски и светски организации поврзани со царинското работење, како и генералниот секретар на Светската цариснка организација, Кунио Микурија.
За време на денешната прва сесија од Форумот, директорот на Царинската управа на Република Македонија, Наташа Радеска – Крстевска имаше излагање на тема „Сегашна состојба на развој на македонската царина и идни предизвици“.
Се очекува форумот да поттикне натамошно поврзување и комуникација меѓу царините, што ќе резултира во олеснување на царинењето, одржување на безбедноста, поддршка на меѓусебната соработка преку употреба на технолошки иновации, развој на капацитетите, промовирање на отвореност за соработка и унапредување на инвестициските можности.
Со цел успешна имплементација на иницијативата за идна соработка, се очекува сите учесници да обезбедат поддршка за идните сесии на Форумот, семинари и други настани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



