| четврток, 6 декември 2018 |

Откриени емигранти кај Неготино

Фото: архива

Фото: архива

Нова група емигранти е откриена синоќа кај Неготино, информираше денеска Анита Стојковска, портпаролката на СВР Велес.

Емигрантите по потекло од Сирија и од Ирак илегално биле превезувани во камион без регистарски ознаки. Возачот и дел од емигрантите кога биле забележани од полицијата се обиделе на избегаат, по што возилото завршило во канал покрај патото, но нема повредени.

– Синоќа во 21,00 часот на локалниот пат село Дуброво – Неготино во близина на винарската визба „Повардарие“, полициски службеници забележале товарно моторно возило марка „мерцедес“ без регистарски таблици. Возачот на товарното возило, кога го забележал полициското возило, ја намалил брзината и од совозачкото место скокнало едно лице и почнало да бега кон визбата. Возачот продолжил со движење и по 100-тина метри и тој во движење скокнал од камионот и побегнал кон ридот, а возилото продолжило само да се движи уште педесетина метра по што излетало од патот во канал на левата страна во правецот на движење. Од товарното возило почнале да излегуваат повеќе лица кои се дале во бегство во правец кон автопатот – изјави Стојковска.

На местото каде што излетало возилото се затечени седум лица илегални емигранти од Сирија и од Ирак на возраст од 18 до 46 години и едно 10-годишно дете. Во моментот на контролата тројца емигранти се обиделе да побегнат по што од страна на полициски службеник испукан е еден куршум од пиштол во воздух заради предупредување.

Емигрантите се предадени на Регионален центар за гранични работи Југ и ќе бидат сместени во прифатниот центар за странци на МВР.

​Увид на местото на настанот изврши увидна екипа од Регионален центар за гранични работи Југ.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето што го управувало товарното моторно возило.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top