Празноверијата се доста распространети и многу луѓе веруваат во нив, свесно или не. Има ли основ дека всушност тие се вистинити? Откривањето на потеклото на суеверијата открива фасцинантен спој на религии и човечка психологија.
Фрлање сол преку рамо
Повеќето луѓе знаат дека е лош знак да истурат сол, најверојатно бидејќи била толку вредна состојка во старите времиња. Тука е и приказната која вели дек Јуда истурил сол на Последната вечера.
Малку е чудно што во борбата против овој „малер“, потребно е да се фрли уште сол преку левото рамо. Причина за тоа е верувањето дека токму ѓаволот седи на левото рамо, а со фрлањето сол ќе го заслепиме или ќе го смириме, понудувајќи му сол.
Среќно зајачко стапало
Зајачкото стапало е симбол за среќа уште од 600 години пред новата ера. Некои верувања велат дека тоа е поврзано со ловците кои за прв пат оделе на лов по зајаци за да се докажат. Доколку ловот бил успешен, една од задните нозе на зајакот се доделувала на церемонија која го слави неговиот пат во светот на возрасните мажи.
И ако сте и вие меѓу тие суеверните, после сите овие митови за потеклото на празноверијата, дали сè уште би продолжиле да ги практикувате, без разлика што знаете дека се „бабини деветини“?
Скршено огледало – 7 години несреќа
Римјаните биле први кои направиле огледало од стакло. Тие верувале дека нивниот изум има потенцијал да украде дел од душата на човекот кој го користи. Ако одразот на личноста која се огледува е искривен, тогаш и нивната душа ќе биде оштетена и заробена.
На цела среќа, Римјаните верувале дека нивната душа може да заздрави после седум години, но додека не помине тој период, личноста ќе ја прати лоша среќа, бидејќи нема цела и здрава душа за да се бори против злото. Во случај ако личноста сака да ја намали седумгодишната казна постојат два метода. Едниот вклучува собирање на сите делови од огледалото и ситнење додека станат прашина, а другиот подразбира закопување на парчињата огледало под дрво за време на полна месечина. (Со ова немавме намера да ви дадеме идеи) 🙂
Чукање во дрво
Ова суеверие не започнува од песната на Леб и сол, за жал. Напротив, овој обичај датира од многу одамна, од паганите, кои верувале дека живите материјали се заразени со својства на духови, вклучително и дрвото. Кога е дрвото исечено, духот во дрвото умира и тоа станува шупливо. Поради тоа, понекогаш злите духови можат да опседнат некој предмет и да прават планови како да ги уништат животите на луѓето кои живеат во истата куќа. А, ако некој чукне во дрво, тоа ги истерува злите духови и ги спречува евентуалните несреќи.
Поминување под скали
Иако делува логично мислењето дека ако избегнуваме да поминеме под скала, ги намалуваме шансите нешто да ни падне врз глава, сепак тоа не е единствената причина. Раните Христијани го сметале триаголникот за свет знак кој го претставува Светото Тројство (Таткото, Синот и Светиот Дух). Кога скалите се потпрени на ѕидот, тие сочинуваат триаголник, а поминувањето под нив значи дека личноста го прекинува тој свет триаголник. Раните Христијани го сметале ова како толку лош прекршок, што ги етикетирале луѓето како вештери во сојуз со Сатаната, што тогаш било многу поопасно отколку да ви падне чекан врз главата.
Петок 13-ти
Стравот од петок 13-ти и стравот од бројот 13 се толку вообичаени, што дури постојат како име на дијагностицирана фобија: Параскевидекатиафобија и трискаидекафобија. Има повеќе причини зошто точно овој број да биде „проколнатиот“.
Во Христијанството, „проклетството“ на бројот 13 започнува од Тајната вечера каде што присуствувале 13 луѓе, од кои 13-тиот бил Јуда, предавникот на Исус Христос. Од друга страна, петок се смета за несреќен, бидејќи според Светото писмо, Исус бил распнат во петок.
Античките Персијци не ја сакале тринаесетката затоа што верувале дека дванаесет соѕвездија на Зодијакот владеат со Земјата по илјада години наизменично, но кога ќе се заврши циклусот (во тринаесеттиот милениум), хаос ќе завладее со светот.
Интересен е фактот дека стравот од петок 13-ти датира од пред релативно скоро време. Имено, историчарите пронашле докази дека тој не се споменува сè до 19-тиот век, кога за прв пат се споменува во биографијата на Џоакино Росини од 1869 година. Митот не заживеал сè до 20-ти век кога бил издаден романот на Томас Лосон, „Friday the Thirteenth“.
Стравот од петок 13-ти е толку чест, што само во Америка 19 милиони луѓе одбиваат да ги напуштат своите домови на овој ден. Центарот за управување со стрес и фобии проценува дека претпријатијата губат околу 850 милиони долари секој пат кога ќе се случи 13-ти ќе се падне во петок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.