| четврток, 6 декември 2018 |

Докупот на стаж пред пратениците

sobranie
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој треба да се создаде можност за докуп на стаж за граѓаните на кои не им е платен придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008 година денеска треба да биде разгледуван на седница на Собранието на Република Македонија.

Со овие измени и дополнувања, според предлагачот, се планира да се воведе законска можност претежно за повозрасните категории граѓани кои најчесто ја изгубиле работата во периодот на 90-те години кога голем број компании се затвориле, а голем број луѓе останале без работа.

Тие на овој начин ќе можат да го остварат своето право на пензија или пак на повисока пензија, со правото по повластена стапка да го докупат стажот за кој во компаниите во кои во минатото работеле не им биле платени придонеси, а кои во моментов не постојат, односно згаснале како резултат на стечај, ликвидација или од најразлични причини.

Воедно, измените и дополнувањата предвидуваат Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, недвижниот и движниот имот кој му е доделен во судска постапка по основ на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008 година, да може да го продава и зависно од траењето и износот на добиените средства од продажбата на имотот соодветно да утврди стаж на осигурување и основици на осигурување за секој осигуреник кој бил пријавен во задолжително социјално осигурување поединечно.

Плаќањето на придонесот, како што се предвидува во измените и дополнувањата, се однесува за целиот период кој не е утврден во стаж на осигурување поради неплаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од страна на обврзникот за пресметка и уплата на придонесот, а може да се изврши најмногу до 12 последователни месечни рати.

Според предлогот, основица за пресметка и плаќање на придонесот изнесува 50 проценти од просечната плата за претходната година од годината во која е поднесено барање за плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, објавена од Државниот завод за статистика на Република Македонија.

Плаќањето на придонесот се врши според стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување утврдена со закон.

Според проценките на Владата, како предлагач на законските измени и дополнувања, се очекува со нив да бидат опфатени околу 20 илјади луѓе кои би можеле да го искористат ова право.

Датумот кој е определен како граница за можност за откуп на стаж е поради фактот дека од 1 јануари 2009 година започна системот на интегрирана наплата на плати и придонеси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top