Американскиот Сенат не го усвои предлог-законот за шпионажа со кој би се реформирало собирањето на разузнавачки податоци, што го спроведува Агенцијата за национална безбедност (НСА).
Сенаторите всушност го блокираа законот за продолжување на надлежностите на американските специјални служби за собирање податоци за телефонските разговори на американските граѓани, со што се стави под знак прашање иднината на т.н. „Програма за собирање податоци“, два дена пред истекувањето на нејзината важност, на 1 јуни.
Претставничкиот дом минатата недела со големо мнозинство го усвои предлог-законот, кога републиканците и демократите се обединија во желбата да стават точка на крајно контраверзната програма на НСА, со која се собираат податоци за милиони Американци, кои на ниту еден начин не се поврзани со тероризам.
Сенатот меѓутоа го блокираше усвојувањето на законот, бидејќи за негово прифаќање фалеа три од вкупно 60 гласови, колку што е минимално потребно.
Сенатот веднаш почна да го разгледува двомесечното продолжување, со кое привремено би било дозволено собирање телефонски податоци и други делови од Патриотскиот акт, кој престанува да важи на 1 јуни доколку Конгресот нешто не преземе.
Кога лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел предложил гласање по итна постапка за продолжување, до 8, 5, па дури и до 3 јуни, два дена откако Конгресот ќе се врати од одмор, републиканскиот сенатор Ренд Пол достави приговор, со што е доведена во опасност судбината на клучните одредби за националната безбедност.
Освен собирањето на метаподатоци (податоци за податоци) за телефонските разговори, одредбите за случајно прислушување и техниката за прислушување „волк самотник“ престануваат да важат на 1 јуни.
Поради мачните дебати синоќа во ситните часови пред планираната еднонеделна пауза на работата на Сенатот, Белата куќа вчера најави дека има реални шанси дека националните безбедносни операции ќе бидат прекинати.
– Не постои план Б. Тоа се овластувања, кои Конгресот мора да ги усвои преку закон и тие се од клучно значење за заштита на основната безбедност на американските граѓани и на основните граѓански слободи, изјави портпаролот на Белата куќа, Џошуа Ернест.
„Програмата за собирање податоци“, во рамките на која НСА собираше голема количина податоци за телефонските разговори на американските граѓани беше откриена пред две години од поранешниот соработник на Агенцијата, Едвард Сноуден, кој во моментов се крие во Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.