А истите тие гневни човечиња, не дај боже, можеа да бидат случајни минувачи на Камениот мост или купувачи во некој ГТЦ во време на планираните напади на терористичката група. А можеби, пак, и мислат дека гром во коприва (читај гомненици) не удирал. Или, пак, така „чуле“, како што слушнале и недослушнале за стотиците измислени поенти за кои постојано ламентираат овие демек слободоумни, а поверојатно малоумни пера. Отидени по ѓаволите во својата неизмерна желба за враќање на старите, добри позиции, затскривајќи се вешто и итро зад превезот на божемната борба за слобода и демократија, дел од опозициските стратешки пера гламурозно го прославија 9 мај, во нивниот случај – денот на победата врз човечноста.
Досадното и облачно саботно утро на 9 мај на овие тмурни ликови им го развесели веста за судирот на безбедносните сили со терористи во Куманово, па орни и полни со елан и уште неизмиени заби, насобраниот гнилеж го истурија врз бранителите. Ниту силниот мамурлак на и онака искривените лица од само ним разбирливиот и насобран гнев не ја спречи огромната насмевка „со заби“, која незапирливо надојде со напливот на информациите за жртви. Некрофилите, возбудени од мирисот на мртвото ткиво кое без проблем го осетија и покрај 30-километарската оддалеченост, преку своите статуси и прилози на порталите и ТВ-вестите го заиграа танцот на мртвите, наликувајќи напати на индијански врачеви во транс, опиени од мескалин. Веста за битка со терористи им дојде како „кец на десетка“, а мирисот на крвта и агонијата на бранителите ги разбуди македонските новинарски зомби-креатури, кои поитаа да го истурат најгрдиот трулеж од себе. Факт е дека Куманово тој ден им ги раздвижи „усраните животи“ – фраза која еден од нив бесрамно ја употреби за херојската и толку лесногублива егзистенција на бранителите кои во моментот беа на нишан на терористите.
Диоген остана без фенерот на „Павел Шатев“
Дента на 9 мај, во напливот на задоволство на македонските мршојадци, се истакна и социјалдемократскиот гласноговорник, кој поттикнат од творечкиот немир и желбата за докажување пред тричковци и останати „апологети (или беа аналфабети) на револуцијата“, битката во која загинаа осум бранители ја опиша како нечие играње „камај“. Лавината реакции на партијците, охрабрени од нивните идоли, отиде во недоглед, па се коментираа патиките и тренерките на терористите, кој се од власта бил виновен и кој што наместил, па „умреа“ и неколку деца и жени. Сето тоа за неполн час. И никому ништо, никој од нив до денешен ден не се извини за стотиците лаги, небаре тоа е толку нормално. Па, слобода на говорот, нели? Легендата вели дека разбуден од нечовечноста на социјалдемократските пера и нивните поддржувачи, настрана врхушката, на „Павел Шатев“ се појавил духот на филозофот Диоген, кој цел живот со фенер симболично барал човек. Прикаската продолжува дека на 9 мај Диоген во партиското седиште таков не нашол. Собрал сила, решен за успех, заминал и пред влада на протести. Пак безуспешно. Не само тоа, таму останал и без старовремскиот фенер. Му го зеле за да продолжат да го потпалуваат „огнот“ со него. Меѓуетнички, интраетнички, меѓусоседски, каков и да е…
Костов: Морбидни циници кои уживаат во деструктивноста
Опозициските мегафони и нивните реакции не сакам да ги толкувам, едноставно не чувствувам потреба за такво нешто. Јас нив ги дефинирам, а да бидам искрен, одамна ми се дефинирани, вели колумнистот Сотир Костов.
КОСТОВ: Љубомир Фрчкоски и Ѓунер Исмаил се иронични, цинични и саркастични до ниво на глупост. Токму таква беше и нивната слика „у двоје“ кога пред Владата протестираа, а во Куманово се гинеше за Македонија. Тие исмеваат сè и секого, сè со цел да дојдат до израз и да бидат во фокусот. Мислејќи дека се тренди и фенси, не гледаат дека се претворени во ординарни фрикови. Мирјана Најчевска, укажувајќи му на народот колку е глупав, ја покажа сета своја ступидност. Но, таа има и друг проблем, никој не ѝ кажал дека веќе „не е во мода“ и дека никој не ја есапи. Сакајќи да биде надмена и високомерна, ословувајќи го народот како глупав, таа бескрупулозно сее презир безмалку кон сите. Но, сепак, врвот на гротескната слика на македонската квазиинтелигенција во колумнистичката и новинарската фела е резервиран за агресивниот илеџија и кавгаџија Никола Гелевски и за морбидниот Бранко Трчковски (прскач на дрвца и безсентименталист). Првиот чиниш е македонскиот Били Д Кид, кој се расправа и сака да се тепа за сè што не му е по ќеф и со секого со кого не се согласува. Тоа најчесто го прави по телевизиски студија. Вториов, пак, сакајќи да се претстави како ослободител во стилот на Симон Боливар, го исцртува својот портрет на поробувач а ла Кортез. Несомнено е дека сака да поробува, да ослободува де, ама да не се бори, т.е. да нема никој против него кога тој напаѓа. Е тоа е најсрамен кукавичлук – срамно повлекување на душата пред стравот. Ете тоа ти е мојата дефиниција за луѓето кои не го почитуваат животот на припадниците на македонската полиција, луѓето што ја бранеа и одбранија Република Македонија. Таквата „дружина на братско стебло“ составена од циници, глупаци, тамаќари и кукавици, никогаш не создала ништо конструктивно. Затоа, пак, ужива во својата деструктивност. За нив не знаеш дали Еразмо тагува, ликува или е поразен.
Свесна ли е опозицијата за својата епизодна ролја во прикаската или навистина е толку недоветна?
КОСТОВ: Опозицијата, или поточно СДСМ, е една тажна приказна. Уште пред две години констатирав дека СДСМ е во голема идејна, политичка, организациска, морална и психолошка криза. Тоа и денес се потврдува бидејќи СДСМ е во стравотен расчекор меѓу реалноста и фикцијата/илузијата, идеологијата и суровиот прагматизам, како и меѓу стратегијата и тактиката. За мене ова е партија чиешто време е поминато. Но, најжално е што СДСМ и опозицијата имаат проблем со вистината. Многу тешко го прифаќаат она што обичните луѓе го нарекуваат факти и аргументи. По никоја цена не прифаќаат голи факти, издржани аргументи, веродостојни докази и реална и вистинита фактичка состојба. На сите можни начини настојуваат да ги одречат, заобиколат и променат голите факти, издржаните аргументи, веродостојните докази и реалната и вистинита фактичка состојба за случувањата во Куманово, најконкретно за загинувањето на осумте и ранувањето на 37-те храбри синови на Македонија. Си играат „камај“ и „погоди ко сам“ кога велат дека сè уште не знаат дали се работело за платеници, криминалци, терористи. Но, и за злосторници со најгрдо лице и најнакрај несовесни убијци без совест и чест – убијци од најдолна сорта. Абе безбожници! Јавачи на апокалипсата, сејачи на страв и смрт. Кутрите тие, не знаат дека овие изроди многу одамна ги дефинирала воената наука, социологијата, антропологијата и логиката на здравиот разум. Сепак, сега и тука се битни две работи: реално и објективно да се дефинира македонската опозиција, како и стручно и нетенденциозно да се анализира неподносливата леснотија на манипулациите кои таа ги прави. За почеток може да се рече дека опозицијата е свесна за своето деструктивно дејствување, а несвесна за последиците од тоа и такво дејствување. Во сиот тој хаос, се однесува недораснато и недоветно.
„Фабриката“ чадеше, а Американците додаваа на огнот
И додека новинарската „фабрика“ бревташе и чадеше, лажејќи за цивилни жртви и потсмевајќи се јавно и гнасно со бранителите кои во исто време гинеа и за нив, во играта „случајно“ се вклучија и дипломатите. Или беа Американците? До ден денешен Амбасадата на САД ниту се извини ниту појасни што значеше нивното соопштение во кое изразија „сочуство кон семејствата на загинатите полицајци и граѓани, како и кон тие што се повредени“?! САД ова соопштение го дадоа на 9 мај пред МВР воопшто да каже дали има какви и да е жртви, т.е. во 13.50 часот, цели десет минути пред првата прес-конференција на МВР, на која, пак, немаше никаков податок за жртви. Најстрашното е што Американците прејудицираа мртви и повредени цивили, кои, иако ги немаше, одлично им легнаа на „новинарите“. И никому ништо. Но, затоа, пак, следниот ден кога се собраа со колегите од ЕУ, НАТО и од ОБСЕ, итро ги избегнаа неподобните медиуми и си ги викнаа само „Телма“ и „Алсат“. Другите беа доцна известени?! Замислете, овие „професионалци“ не прашаа ништо за оваа американска небулоза. Третиот ден, пак, во време на национална жалост, истиот тој американски демократ ни држеше лекции за тоа дека Владата требало посериозно да се занимава со прислушувањето. Додека Македонија тажеше за осумте синови. А ние му „удоволивме“ следниот ден со оставките на Мијалков, Јакуловска и на Јанакиевски. Истиот тој демократ ни порача дека граѓаните имале право на протест, истиот ден кога ООН ги опомена за прекумерна употреба на сила против неговите во Фергусон. Пред тоа беше Бостон, а пред проблемот со Црнците, кои до 60-тите години на минатиот век седеа во задниот дел на автобусот, пиеја од посебни чешми и имаа посебни тоалети, беа Индијанците… За споредба, истиот ден во реакцијата на Руската Федерација за настаните во Куманово, меѓу другото, стоеше: „Изборот на низа опозициски движења и на НВО кои се инспирираат меѓу другото и од Западот, со логиката на улицата и со сценариото на „обоена револуција“, може да предизвика опасни последици“. А на 9 мај кога терористите се бореа со нашите бранители, претседателот Иванов беше во Москва, до Путин. Премногу случајности или, сепак, „американски финти“ и пораки?!…
Тешкиот комплекс на предодреденоста за владеење
Извртувањето на фактите е уметност со која овие недоветни ликови околу 30 години владеат со македонската новинарска сцена. Проблемот е во неколкугодишната пауза… Ако, пак, очекувавте да се пензионираат, тој ќеф нема да ви го направат. Очигледно, решени до својот последен здив да извртуваат, гнасат и уништуваат сè што ќе допрат, споменатите креатури ќе продолжат да битисуваат и заразуваат сè што ќе им дозволи пристап, а такви чеда желни и задоени од и за фрчковизација на државата имало и ќе има.
Недоветни незадоволници од сите калибри и какви и да е поводи – обединете се! Ова е новото мото на опозицијата. А ги има многу – кој од сексот, кој од шефот, кој од полот, кој од комшијата, кој од должината… Многумина недоветни во време на борба со терористи протестираа и во името на своите разочарани родители, кои и натаму сметаат дека требало да бидат директори, а не само шефови. Социјалдемократскиот ген си го чини своето. Не е лесно да бидете чедо на највисоката каста предодредена да владее. Не е проблем што немате поим како, ниту некој од кастата знае…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 141. број на неделникот „Република“, 15.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст