Kреативниот центар „Тинтири–минтири“ постои веќе 13 години. Центарот почнал како патувачки куклен театар за деца, за потоа да се развие во игротека каде што се одржувале креативни часови за деца и креативни родендени. Децата што порано беа дел од „Тинтири-минтири“ учествуваа во популарните играни серии „Патувања со рабробил“ (2004) и „Патувања со раброобус“ (2006), во ТВ-мозаикот „Тинтири-минтири шоу“, театарската претстава „Херојот Коки“ и во многу други проекти. Денес „Тинтири-минтири“ е училиште за филм. Кузман Кузмановски, магистер по филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмска уметност е основач на креативниот центар „Тинтири-минтири“. Центарот ја подготвува играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“. Серијата се работи во копродукција во Македонска телевизија. Станува збор за содржина што ги промовира традиционалните вредности: семејството, дружењето, помагањето и заедништвото, нешто што со години недостига во македонскиот етер.
На која возраст треба да бидат децата што можат да се пријават и да учествуваат во сите активности што ги нуди Центарот?
КУЗМАНОВСКИ: Во него можат да членуваат деца на возраст од 6 до 14 години, а работата е организирана во групи според возраста и интересите. Групите се сочинети од 10 до 15 деца, број доволен за да се произведе едно аудио-визуелно дело. Со помалите групи работиме актерски вежби, вежби за ослободување, меморија, концентрација, креативно пишување и слично. За поголемите групи и предизвикот е поголем. Ако помалите учествуваат како актери во готово аудио -визуелно дело, повозрасните деца имаат за задача да напишат сценарио, да ги разработат ликовите во него и потоа користејќи го здобиеното знаење за планови, композиција на кадар т.е. филмски јазик и слично да го снимаат својот филм. Се разбира, тие и ќе глумат во филмот. Следејќи го интересот и на средношколската популација интензивно работиме на „нивната“ програма во КЦ „Тинтири – минтири“ и ако се биде во ред ќе ја почнеме од септември.
„Тинтири-минтири“ не е само училиште за актери, туку во овој Центар децата може да ги отворат своите видици и да се запознаат со многу други професии со кои би можеле да се занимаваат во иднина. За што најмногу се интересираат Вашите членови?
КУЗМАНОВСКИ: Нашата основна цел е кај членови да ги детектираме, развиеме и насочиме нивните креативни потенцијали преку работа на филм. За таа намера часовите се организирани во форма на филмски работилници на кои членовите учат како се создава едно аудио-визуелно дело од почеток до крај. Освен тоа, како посебен сегмент што буди интерес кај поголемиот дел од членовите е и анимацијата и тоа особено стоп-анимацијата, која се изведува со трик-снимање. Покрај практичната работа што доминира на секој час, дел од активностите се теоретска настава, се разбира интерактивна и преку фото и видеоматеријали. Зачудувачки е интересот што децата го пројавуваат и за овие теоретски делови, за кои очекувавме дека нема да привлечат толкаво внимание. Сепак, најпопуларни меѓу нашите членови се активностите директно поврзани со глумење и однос кон камера. Креативното пишување, исто така, е сфера во која се истакнуваат многу поединци. Идејата ни е да ги запознаеме децата со секој аспект од работата во филмската и телевизиска уметност. Многу деца што, во принцип, не сакаа да пишуваат, по часовите за креативно пишување почнаа да пројавуваат интерес и за оваа работа. Во сите активности внимаваме да го завардиме педагошкиот пристап, затоа што во работата со деца тоа има приоритет. Нашиот заклучок од досегашното искуство поради големиот интерес и големиот број членови е дека децата се желни за знаење и за учење за филмот и филмската уметност, сакаат да создаваат и знаат да направат одлични работи доколку бидат правилно насочени.
Во јуни треба да се одржи меѓународен филмски фестивал за деца во Кинотека на Македонија. Каква е агендата, што ќе има на Фестивалот?
КУЗМАНОВСКИ: Македонскиот интернационален филмски фестивал за деца „Тинтири-минтири филм фест“ произлезе од потребата децата што се членови на центарот да се претстават со своите филмски дела и нивниот труд да се верификува како еден педагошки чекор во целиот процес. Нашата позитивна намера ја препозна Кинотеката на Македонија и ни понуди несебична партнерска соработка. Поради искуството што нашиот тим веќе пет години го гради со организирање на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“, решивме и на овој нов фестивал за деца да му додадеме меѓународен карактер. Програмата ќе биде поделена во два дела – филмови направени од деца (детски филмови) и филмови направени за деца – интернационална програма со натпреварувачки карактер, каде што посетителите – деца ќе можат да гласаат за најдобриот филм. При крај е пријавувањето на објавениот повик, на кој се пријавуваат филмови, буквално, од цел свет. Фестивалот ќе се одржи на 5, 6 и на 7 јуни во Кинотека на Македонија. Освен проекциите на филмови, ќе бидат организирани и неколку филмски работилници за деца.
Ја подготвувате и играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“. Каде ќе се емитува серијата и до каде е снимањето?
КУЗМАНОВСКИ: Играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“ е дело на кое многу долго време зрееше во мене. Серијата ја работиме во копродукција со Македонската телевизија. Станува збор за содржина што ги промовира традиционалните вредности: семејството, дружењето, помагањето и заедништвото, нешто што со години недостига во македонскиот етер. Веќе направивме аудиција за деца-актери и уште пред извесно време ги објавивме резултатите. Се пријавија повеќе од 250 учесници, а мноштвото од нив беа исклучително талентирани. Затоа ни беше многу тешко да донесеме одлука кој ќе биде вклучен во серијата. Поради големиот интерес и потребата да вклучиме што поголем број деца вршам дополнителни измени во сценаријата.
Во „Тинтири-минтири“ имате и соработници, познати актери, текстописци. Кажете ни нешто повеќе за тоа…
КУЗМАНОВСКИ: Соработуваме со врвните уметниците од аудио-визуелната област: актерот Тони Михајловски, текстописецот и драматург Огнен Неделковски, актерката Кети Илиевска и многу други. Тие ја почувствуваа нашата искрена намера да ѝ се „подметнеме“ на најмладата популација и да ѝ понудиме нешто што досега го немало во Македонија и затоа за нивната поддршка ние сме им, навистина, многу благодарни. Децата уживаат да учат од докажани и успешни уметници затоа што нивното искуство е само по себе сведоштво, своевиден рецепт за тоа како се стига до целта – да го работиш тоа што го сакаш, но и да го сакаш тоа што го работиш.
Какво е Вашето искуство од работата со децата? Каде се емитуваат нивните снимени материјали?
КУЗМАНОВСКИ: Поради природата на работата на часовите постојано се користи аудио-визуелна опрема – камери, фотоапарати, студиски светла, проектори, монтажни столови и сл. На тој начин тоа им станува природна атмосфера на децата и така се гради „односот кон камера“, се губи тремата и децата почнуваат слободно да се изразуваат иако целото внимание на снимањето е вперено во нив. Материјалите што ги снимаме тековно, од вежбите, постојано ги објавуваме на нашиот канал на „Јутјуб“, на страницата на „Фејсбук“ и на профилот и на веб-страницата на центарот. Освен тоа, ќе ја почнеме соработката со две многу популарни македонски веб-страници на кои ќе се презентира работата на децата, а и ние се екипираме и подготвуваме специјализиран ТВ-канал за деца на интернет. Основниот тим ни е составен од четири члена, кои се постојно со децата – режисер, педагог, социолог, координатор и снимател. Секој од нас ужива во работата, најмногу поради тоа што на секој час е евидентен напредокот и љубовта што децата ја развиваат кон филмот и филмската уметност. Тоа што ни ја носи најголемата радост е дека сме успеале да им ја пренесеме љубовта кон филмот и дека, можеби, еден ден тие ќе станат македонски филмаџии – режисери, актери, сценаристи, сниматели, костимографи или шминкери.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.