| четврток, 6 декември 2018 |

На ИД е половина од Сирија

Групата „Исламска држава“ контролира повеќе од половина од територијата на Сирија по нападите кон запад и заземањето на централниот град Палмира, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.

Сунитската група доцна синоќа го зазеде античкиот град во сириската пустина Палмира, што е прво освојување на големо населено место под контрола на сириските владини сили, пренесува БТА.

Регионите што ИД моментално ги контролира во Сирија се во поголем дел ретко населени делови. Главните сириски градови, вклучително главниот град Дамаск, се наоѓаат во западниот дел, долж границата со Либан и крајбрежјето и важат за приоритет на сириските вооружени сили.

ИД на „Твитер“ објави дека по капитулирањето на владините сили групата воспоставила целосна контрола над Палмира, вклучително над воениот аеродром и затворот во градот.

Засега нема информации дека џихадистите почнале со уништување на културно-историското наследство во Палмира, што е еден од античките градови во Сирија на списокот на УНЕСКО со светско културно наследство.

Центарот нагласува дека ИД сега контролира околу 95 илјади квадратни километри, што е половина од вкупната територија на Сирија. Џихадистичката група е присутна во 14 провинции, главно на исток и север,

ИД започна офанзива против силите на режимот во Палмира на 13 мај, искористувајќи го заморот на сириската армија, која повеќе од четири години војува со разни бунтовнички групи кои сакаат да го соборат од власт претседателот Башар ал Асад.

Преземањето на Палмира има и симболично значење, бидејќи во градот се наоѓа најпознатиот политички затвор, каде се убиени стотици исламисти во 1980 години по обидот за соборување на тогашниот претседател Хафез Асад, таткото на Башар.

Градот Палмира има стратешка местоположба на патот меѓу Хомс во централна Сирија и главниот град Дамаск на запад и Дер аз Зур на исток.

– Нема електрична енергија веќе четири дена. Во повеќето болници има недостиг на лекарства, изјави шефот на Центарот за набљудување на човековите права Рами Абделрахман, пренесува ДПА.

Според него над 100.000 жители, бегалци од други делови на земјата живееле во Палмира, пред да падне во рацете на ИД.

Палмира и втор голем град заземен од ИД за помалку од една недела. Во неделата тие го заземаа ирачкиот град Рамади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top