| четврток, 6 декември 2018 |

Едно лице обвинето за смртни закани упатени кон црногорскиот премиер

мило

Полицијата во Подгорица покрена обвинение против 28-годишниот Лука Вукоевиќ поради објавен коментар на порталот „Вијести“ во кој се заканува дека ќе го убие црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ за да ја спаси нацијата.

Коментарот на Вукоевиќ бил напишан под текст со наслов „Порака до буржуите: не ограбивте, но нема да не угнетувате“, а со содржина: „Ќе се жртвувам за нацијата. Ќе го убијам премиерот. На тој начин ќе ставам крај на сопствениот живот, но и на 20-те години ропство. Барем нешто да направам за своите деца, штом изборите не помагаат“.

Откако полицијата добила информација дека на 14 мај бил објавен овој коментар, започнала истрага за пронаоѓање на нејзиниот автор. За случајот било известено и обвинителството, кое потврдило дека коментарот има елементи на криминално дело.

Вукоевиќ бил идентификуван и задржан на сослушување во петокот, по што бил ослободен. Полицијата утврдила дека тој го испратил коментарот од домашниот компјутер и претходно нема објавено други закани или текстови со слична содржина.

Авторот на коментарот е обвинет поради загрозување на безбедноста на премиерот, за што законот предвидува парична казна или затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top