| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг: Важно е да се избегне насилство во Македонија

сто

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред почетокот на денешниот состанок во Советот на Европската унија со министрите за одбрана на земјите-членки на Унијата, уште еднаш ја коментираше ситуацијата во Македонија, порачувајќи дека е најважно да се избегне ескалација на кризата и конфликтот во нашата земја.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Столтенберг, кој во својата изјава четирипати ја нарече нашата земја со нејзиното уставно име Македонија, избегнувајќи да ја употреби долгата референца, исто така, напомена дека треба да се избегнува насилство при протестите кои се случуваат во Скопје.
– Ние го следиме одблиску развојот на настаните во Македонија, а имаме и канцеларија за врски на НАТО во Скопје. Македонија е земја аспирант за членство во НАТО и затоа имаме блиска соработка со Македонија. Јас силно верувам дека мирните протести се дел од демократското општество, но најважно е да се избегне повеќе насилство и треба да се осигура дека демократските институции се развиени и дека владеењето на правото е имплементирано целосно и дека ќе избегнеме ескалација на кризата и конфликтот во Македонија – истакна Столтенберг.
Оваа нова порака од генералниот секретар на најголемата воено-политичка организација на светот доаѓа една недела по неговиот јасен став по терористичкиот напад во Куманово, каде што ја пофали реакцијата на македонската полиција и посочи дека истата успешно се справила со ситуацијата и покажала дека може да се носи со такви предизвици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top