| четврток, 6 декември 2018 |

Од јуни подвижни аптеки во шест региони

apteka

Доделени се шест лиценци за подвижни аптеки во повеќе региони низ државата и во финална фаза е нивното отварање. Се очекува подвижните аптеки да почнат да функционираат од наредниот месец, со што ќе се овозможи жителите на помалите населени места (до илјада жители) потребната терапија да ја добиваат во своето место на живеење. Со овие шест лиценци кои се веќе доделени, се опфатени 304 населени места со над 50.000 жители.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека оваа мерка за воведување подвижни аптеки низ државата овозможува директен бенефит за над 266.000 жители во 1.400 населени места. Министерството за здравство, посочи, кон крајот на минатата година објави јавен повик за доделување лиценци за подвижни аптеки во мрежата на здравствени установи.

Нагласи дека во Полошкиот регион се доделени четири лиценци и тоа една за регионот на општина Дебар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа (со која се опфатени вкупно 64 населени места), една за регионот на општина Тетово и Боговиње (со која се опфатени 17 населени места), една за регионот на општина Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница (со која се опфатени 35 населени места) и една за општина Гостивар и Врапчиште, со која се опфатени 29 населени места.

– Покрај Полошкиот регион, опфатен е и Југоисточниот регион, односно реонот на општина Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово (вкупно 44 населени места) и Пелагонискиот регион, односно општините Прилеп, Новаци и Могила (со вкупно 115 населени места). Во овие населени места лековите се доставуваат со посебно возило, таканаречено подвижна аптека, а како кадар се ангажирани фармацевтски техничари, рече Тодоров и додаде дека предвидено е подвижните аптеки да ги посетуваат населените места најмалку два до три пати во месецот по претходно утврден распоред.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top