| четврток, 6 декември 2018 |

Нестабилноста носи зло за стопанството

Случувањата на политичката сцена влијаат врз одлуките за инвестирање, како на странските, така и на домашните инвеститори. Веќе неколку месеци наназад земјава се соочува со политичка нестабилност, која би можела да има негативни последици за стопанството. Доколку политичката криза во земјава продолжи и во наредниот период, тоа ќе влијае неповолно врз домашната економија

Политичката нестабилност ѝ прави само лошо на секоја економија. Таа ги оддалечува инвеститорите, предизвикува откажување на зделките, а со тоа ги поништува сите дотогашни позитивни раздвижувања во стопанството. Колку што политичките потреси траат подолго, толку последиците се потешки бидејќи никој не сака тектонски поместувања, ниту бизнисмените, ниту инвеститорите. Секој потрес може да значи менување на договореното или отсуство на нови договори, а тоа не му донело добро на ниту еден бизнис и амбиент за работа. Токму затоа барањата на стопанствениците се што побрзо да се надмине политичката криза за бизнисот да продолжи да си ја „брка својата работа“, да продолжи да функционира, да бележи напредок, да вработува луѓе.

– За бизнис-секторот секоја нестабилност во државата, било да е политичка или не, не е добра и може да има поразителни резултати врз економијата – вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Според неа, доколку политичката криза се провлече на подолг рок тогаш последиците можат да бидат поразителни.

– Најважно е тоа дека во ситуација на криза проектите ќе останат во фиоките и никој нема да пристапи кон развојните компоненти – смета Арсовска. Таа нагласува дека економијата е жива материја, која зависи не само од актуелните случувања во бизнисот, туку и од актуелните случувања во политиката.

– Во овој момент не можеме да кажеме ништо повеќе освен дека во овој случај политичката нестабилност во државата не е добра и дека нe би сакале да бидеме тие што ќе ги видат негативните резултати во периодот што следува. Случувањата на политичката сцена влијаат врз одлуките за инвестирање, како на странските, така и на домашните инвеститори. Веќе неколку месеци наназад земјава се соочува со политичка нестабилност и таа би можела да се одрази со негативни последици врз бизнисот. Доколку политичката криза во земјава продолжи и во наредниот период, тоа ќе влијае неповолно врз домашната економија – додава Арсовска.

И Народната банка на Македонија и стручњаците, исто така, се согласуваат дека политиката и економијата по системот на врзани садови си ги пренесуваат влијанијата една на друга, при што колку што е подолга кризата, толку ефектите се пострашни.

– Актуелните политички случувања (кризата) во земјата неизбежно ќе имаат одредено негативно дејство врз економијата. Домашните економски субјекти ќе продолжат да ги реализираат постојните договори за производство и за испорака на стока, услуги и сл. Но, има веројатност кај некои од нив да се појави воздржаност за склучување нови договори во услови на неизвесност на должината на траењето, но и на начинот на разрешување на актуелната политичка криза. Особено ако се имаат предвид одредени најави за реализација на т.н. Украинско сценарио со сите познати негативни последици за економијата – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

Од друга страна, според Неновски, странските инвеститори внимателно ја следат кризата и, повеќе или помалку, се воздржуваат од поинтензивно вложување средства во економијата на РМ што, во други услови, ќе го правеа поинтензивно и во поголем обем во однос на порано поради постепеното надминување на економската криза во Европа.

– Според тоа, што побрзото надминување на актуелната политичка криза на начин што надлежните институции и организации ќе оценат дека е најдобар, неминовно ќе значи крај на неизвесноста и охрабрување на домашните и на странските економски субјекти за поенергично дејствување во соодветните области што ќе значи натамошно движење на македонската економија по нагорната линија од нејзиниот развој, кое беше забележано во последните две години – нагласува Неновски.

Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов нагласува дека во проекциите за економски пораст, покрај надворешниот, се зема предвид и внатрешниот амбиент, односно надворешните и внатрешните ризици, што значи дека актуелната политичка состојба може да влијае на порастот на економијата.

– Секако дека ги земаме предвид и најновите случувања во политиката на домашен терен, кои се фактор на ризик, кој би имал негативни ефекти доколку целата ситуација продолжи подолг период – појаснува Богов.

Тој, сепак, тврди дека факторите за солиден економски пораст и годинава се позитивни, најмногу благодарение на порастот на европската економија.

– Условите што ги разгледавме досега и кои се како инпути во нашите проекции не се многу променети од октомвриската проекција кога предвидовме пораст на економијата од 4,1 отсто во 2015 година. Кај екстерните импути дури има и некакво подобрување бидејќи сега има подобри очекувања за порастот на европската економија, а тоа е многу значаен импут за нашите производи и извоз – објаснува Богов.

Пролонгирањето на политич­ката криза, сепак, може да ги урне сите предвидувања и проекции, дури и тие на Европската комисија, која во пролетната економска прогноза објави дека Република Македонија ќе има најголем економски пораст во Европа оваа и следната година.

Пјер Московиси, комесар за економски и финансиски прашања, ја објави новата економска прогноза на Европската унија, според која Македонија се очекува да има пораст на домашниот бруто-производ (БДП) од 3,8 проценти во 2015 година, односно 3,9 отсто в година, со што е на првото место во целиот континент. Сето ова може да се реализира доколку состојбата и на политички и на економски план се стабилизира.

Колку за споредба, Европската унија ќе има 1,8 процент пораст на БДП годинава, а 2,1 отсто в година, при што во рамки на Унијата, најголем економски пораст се очекува да имаат Ирска и Малта (по 3,6 отсто на БДП), па Луксембург (3,4 отсто) и Полска (3,3 отсто) во 2015 година, а во 2016 година, Ирска и Луксембург се очекува да остварат економски пораст од по 3,5 проценти. Тоа што е најважно за ЕУ е дека сите земји-членки, освен Кипар (- 0,5 отсто) се очекува годинава да излезат од рецесија, со тоа што најмал економски пораст се очекува да имаат Финска и Хрватска (по 0,3 отсто), Грција (0,5 отсто) и Италија (0,6 отсто).

– Стигна економската пролет – објави задоволно еврокомесарот Московиси на прес-конференција во Брисел.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 140. број на неделникот „Република“, 8.05.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top