| четврток, 6 декември 2018 |

Од идниот месец ќе почнат да работат подвижни аптеки во шест региони

аптеки

Доделени се шест лиценци за подвижни аптеки во повеќе региони низ државата и нивното отворање е во финална фаза. Се очекува подвижните аптеки да почнат да функционираат од наредниот месец, со што ќе се овозможи жителите на помалите населени места (до 1.000 жители) потребната терапија да ја добиваат во своето место на живеење. Со овие шест лиценци што се веќе доделени, опфаќаме 304 населени места со повеќе од 50.000 жители.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека оваа мерка за воведување подвижни аптеки низ државата овозможува директен бенефит за повеќе од 266.000 жители во 1.400 населени места. Министерството за здравство, посочи, кон крајот на минатата година објави јавен повик за доделување лиценци за подвижни аптеки во мрежата на здравствени установи.

Нагласи дека во полошкиот регион се доделени четири лиценци и тоа една за регионот на општина Дебар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа (со која се опфатени вкупно 64 населени места), една за регионот на општина Тетово и Боговиње (со која се опфатени 17 населени места), една за регионот на општина Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница (со која се опфатени 35 населени места) и една за општина Гостивар и Врапчиште, со која се опфатени 29 населени места.

– Покрај Полошкиот регион, опфатен е и Југоисточниот регион, односно реонот на општина Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово (вкупно 44 населени места) и Пелагонискиот регион, односно општините Прилеп, Новаци и Могила (со вкупно 115 населени места). Во овие населени места лековите се доставуваат со посебно возило, таканаречено подвижна аптека, а како кадар се ангажирани фармацевтски техничари – рече Тодоров и додаде дека предвидено е подвижните аптеки да ги посетуваат населените места најмалку два до три пати во месецот по претходно утврден распоред.

Воедно, укажа министерот, дипломиран фармацевт вработен во аптеката (во рамки на која како посебна организациска единица функционира подвижната аптека), има обврска најмалку еднаш неделно да врши контрола на работата на фармацевтскиот техничар.

– Целта е со оваа мерка да придонесеме кон подобра здравствена заштита на примарно ниво во руралните подрачја во државата кои досега не беа соодветно покриени со аптеки. Пред да ја воведеме мерката, извршивме темелна анализа за сите населени места во кои поради малиот број жители немаше интерес за отворање рурални аптеки, и врз основа на тоа ја изготвивме мапата на населени места (до 1.000 жители) кои треба да бидат покриени со подвижни аптеки – истакна Тодоров.

Поради интересот за воведување подвижни аптеки и во другите региони низ државата, истакна, Министерството за здравство веќе објави и нов јавен повик за доделување вкупно 18 нови лиценци за подвижни аптеки. По две лиценци ќе добијат Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани и Долнени, Струмица, Василево, Босилово, Ново Село, а една лиценца ќе добијат Битола, Ресен и Охрид, Кичево и Македонски Брод, Струга и Дебарца, Велес, Чашка, Градско и Лозово, Кавадарци, Демир Капија, Неготино, Конче, Кочани, Кратово, Пробиштип, Крива Паланка, Ранковце, Македонска Каменица, Виница, Берово, Пехчево, Делчево, Штип, Свети Николе, Радовиш, Карбинци, Зрновци, Чешиново, Облешево, Арачиново, Илинден, Петровец, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

– Во рамки на овој проект и согласно измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала, приватните здравствени установи – аптеки кои имаат две или повеќе аптеки во иста општина, или пет или повеќе аптеки на ниво на Македонија, задолжени се да отворат аптеки/аптекарски станици во рурални подрачја, односно подрачја со население до 3.500 жители – рече Тодоров.

Нагласи дека доделени се 66 решенија за аптекарски станици, со кои се покрива регион од 37 општини и се опфатени над 130.000 жители и додаде дека веќе 46 аптекарски станици имаат склучено договори со Фондот за здравствено осигурување и издаваат лекови на рецепт.

Директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска Серафимовска рече дека проектот за подвижни аптеки кореспондира со проектот рурален доктор, што значи подвижните аптеки ќе бидат во координација со руралните доктори односно со нивната работа, со цел, како што истакна, пациентите навреме да добијат и здравствена заштита и лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top