| четврток, 6 декември 2018 |

Отворени Малите олимписки игри-Карпош 2015

opstina karpos

Во здраво тело, здрав дух“, „Активност за подобро здравје“, „Преку спортот другарувањето е поголемо“, беа дел од слоганите кои младите спортисти ги истакнаа синоќа на официјалното отворање на „Малите олимписки игри-Карпош 2015“ во општина Карпош.

На отворањето на деветтите по ред Државни училишни спортски игри годинава насловени како „Мали олимписки игри-Карпош 2015“, учествуваа околу 1.000 ученици од сите основни училишта на ниво на Република Македонија.

Основците, во наредните два дена ќе имаат можност да се натпреваруваат во фудбал, ракомет, одбојка, кошарка, ракомет и мал фудбал (футсал). Натпреварувањата ќе се одржуваат во спортските сали на територија на Град Скопје, но најголемиот дел ќе бидат во општина Карпош.

Претседателот на организацискиот одбор на „Малите олимписки игри-Карпош 2015“, проф.д-р Зоран Поповски, на отворањето истакна дека на игрите ќе има и победници и поразени, меѓутоа, како што додаде, самиот факт што дошле овде значи дека веќе победиле.

При претставувањето на училишните екипи од цела Македонија, жонглеристот од Карпош, Газменд Алиу ги претстави своите акробатски вештини пред присутните.

Манифестација е поддржана од Агенцијата за млади и спорт, како и Федерацијата на училишни спортови и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Претседателот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески ги поздрави младите таленти и им посака успешен почеток на овогодинешните „Мали олимписки игри“.

– Училишниот спорт претставува еден од врвните приоритети, бидејќи во континуитет наназад реализираме проекти со кои што сакаме младите луѓе професионално и активно да се занимаваат со спорт. На тој начин, тие ќе може да се отргнат од сите пороци на современото живеење, рече  Спасески.

Спортот, како што истакна, ги учи младите луѓе дека нема кус пат до успехот, бидејќи за да се биде успешен на било кое поле, потребен е многу труд, волја и упорност.

Претседателот на Федерацијата на училишни спортови, Александар Туфекчиевски им додели плакети на заслужните за оваа манифестација, за големото залагање во спортот и спортските активности.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски рече овие два дена ќе биде празник за граѓаните на Карпош.

– Спортот дава посебни квалитети на секој човек, и јас сум длабоко убеден дека дел од тие квалитети и вие ги поседувате. Овие денови посветете се и на долговечното пријателство кое ќе остане засекогаш меѓу вас, рече Јакимовски и додаде дека наредната година доколку не се пријави друга општина да ги организира „Малите олимписки игри“, општина Карпош со задоволство тоа ќе го направи и по втор пат.

Спортската манифестација, како симбол, овие два дена ќе ја означува паунот кој симболизира успех на долги патеки. Во рамките на свеченото отворање настапија музичкиот ансамбл „Етнос“ и поп пејачките Зои Блаш и Бубе Најденовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top