| четврток, 6 декември 2018 |

Шверцери на луѓе ја рекламираат работата преку „Фејсбук“

203-ma-imigranti-se-udaviha-kraij-italiq-285152

Шверцерите на луѓе на Медитеранот ги рекламираат своите услуги преку „Фејсбук“, ветуваат сигурно поминување на емигрантите, кои очајнички сакаат да стигнат во Европа, пишува „Танјуг“.

На своите страници нудат поглед на мрежата на шверцувањето, која опфаќа три континенти, генерира стотици милиони долари и, практично, стана алтернативен азилантски сервис за ЕУ, пренесува „Би-Би-Си“.
– Со почеток на новата сезона, имаме низа патувања во понуда: Турција – Либија – Италија за 800 долари, Алжир – Либија – Италија 2.500 долари, Судан – Либија – Италија 2.500 долари… Чамците се дрвени, а ако имате прашања контактирајте со мене на „Вибер“ или „Вотсап“ – се наведува до огласот.

Тоа на „Фејсбук“ го објави шверцерот Абдул Азиз на 21 април. Тој е само еден од стотици шверцери што ги користат социјалните мрежи да ги претстават своите услуги на клиентите и бегалците, кои се обидуваат да стигнат во Европа.

На своите страници рекламираат сè, од лажни документи до безбедно поминување по копно, воздух или море. Многу огласи се илустрирани со фотографии на луксузни крстосувачи и нови пасоши, со порака дека децата патуваат бесплатно. Тука е и сведочењата на емигрантите, кои веќе поминале такво патување.

Зад тие ветувања се крие немилосрдниот вистински свет на шверцерите, кои ја користат ранливоста на емигрантите. Веб-пораките не се однесуваат само на понуда за Медитеранот и на Блискиот Исток, туку се протегнуваат длабоко во супсахарска Африка.

Азиз тврди дека има агенти речиси во секоја арапска држава. – Ако луѓето не можат да дојдат во Либија, јас имам легални и нелегални начини да ги внесам во земјата – вели тој.

За полицијата речиси е невозможно да ја открие мрежата што ги поврзува шверцерите и бродовите, како што е Азиз, фалсификаторите на пасоши во Истанбул и возачите на тајни камиони во Еритреја, криминални банди и еднократни прекугранични услуги.

Приспособливоста го прави тој систем уште поефикасен. Минатата година околу 22.000 мигранти го преминале Медитеранот во шверцерски чамци, главно од либискиот брег. Од почетокот на 2015 година, уште 35.000 луѓе стигнале во Италија, а повеќе од 1.800 се удавиле во тој обид.

Азиз изјави за „Би-Би-Си“ преку „Скајп“, дека секој ден му се јавуваат од 10 до 20 луѓе преку „Фејсбук“, додавајќи дека до 2012 година не ги користеле социјалните мрежи, кои сега опфаќаат од 30 до 40 отсто од неговата работа.
Пропаста на либиската држава, исто така, ги охрабри шверцерите да ја промовираат својата работа на интернет, без страв од апсење и Азиз се насмеа на забелешката дека неговите активности можат да го привлечат вниманието на властите.

Полицијата на ЕУ, Европол неодамна почна разузнавачка програма ЈОТ маре, која треба да ја наруши или да ја растури шверцерската мрежа, која донесува толку емигранти преку Медитеранот.

Нивниот портпарол потврди дека Европол го бара присуството на шверцерите на интернет. ЈОТ маре се фокусира на сите начини на работа, кои ги користат шверцерите, вклучувајќи го и користењето на социјалните мрежи.

Тој призна дека Европол нема оперативен договор за соработка со Либија, од каде доаѓаат најмногу мигранти. Азиз поради тоа не е многу загрижен. – Тоа е само буква на хартија. Како тие ќе дојдат во Либија бидејќи ако се обидат, тоа ќе се смета за инвазија – рече Азиз, додавајќи дека надвор од Либија не можат да го фатат бидејќи не оди надвор од земјата. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top