Љупчо Малинков, актуелниот тренер на Фени Индустри, ќе го заземе местото на легендарниот Врбица Стефанов на кормилото на младата кошаркарска репрезентација на Македонија.
Ова е предлогот на членовите на Стручниот совет (СС) на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на денешниот прв состанок во новиот состав, на кој Малинков е предложен за селектор репрезентацијата до 20 години, а за негов асистент е предложен легендарниот Перо Блажевски.
„Стручњаците“ сметаат дека предводникот на кавадарчани израснал во одличен тренер, кому треба да му се даде шанса да биде лидер на национална селекција, каде што би можел да работи со најдобрите од генерацијата која тропа на вратата на првите екипи. Блажевски, пак, самиот побарал да почне на ниво на асистент, а неговото огромно играчко искуство треба да донесе голем плус во стручниот штаб на младинскиот национален тим.
Саша Димитријевиќ ќе добие шанса со јуниорската репрезентација (играчи до 18 години), имајќи в предвид дека оваа е истата селекција на играчи со која Димитриевиќ работи повеќе години наназад, од помладите категории.
Нов селектор ќе добијат и најмладите кошаркари (до 16 години), кои во иднина ќе бидат предводени од Владимир Мирковски од МЗТ Скопје, кој е предлог за селектор на кадетската репрезентација. За негов помошник е предложен стружанецот Перо Чочоровски.
Членовите на СС на МКФ, за нов „кормилар“ на женската репрезентација до 16 години го предложија Владо Ѓоровиќ.
Предлозите на СС останува да бидат верификувани од страна на Управниот одбор на МКФ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.