| четврток, 6 декември 2018 |

Вучиќ: Србија не се меша во внатрешните работи на други земји

Српскиот премиер Александар Вучиќ за весникот „Данас“ изјави дека Србија не се меша во внатрешните работи на другите земји.

– Не се мешаме во внатрешните работи на другите земји – одговори тој на прашањето како ја коментира ситуацијата во Македонија.

Во кумановското Диво Насеље изминатиот викенд, по нападот на албанските терористи врз полицијата, избија судири меѓу македонските вооружени сили и терористите, пренесе „Танјуг“.

Во дводневната акција на македонската полиција загинаа осум полицајци, убиени се 14 терористи, додека повредени се повеќе од 37 полицајци.

Македонските власти во неделата навечер соопштија дека е „елиминирана најопасната терористичка група во регионот“.

Инаку, во повеќе македонски градови од 5 мај се одржуваат протести на опозицијата, која бара оставка од премиерот Никола Груевски, јавува „Танјуг“.

Дипломатските мисии на САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО во Скопје изразија жалење за настаните во Македонија нагласувајќи дека е ова моментот кога македонските лидери треба да се здружат во дијалогот за сите прашања со кои државата се соочува, вклучувајќи ја и политичката криза и неопходните реформи.

И Европската комисија изрази жалење за животите што беа загубени во операцијата во Куманово и истакна дека се надева дека последните настани ќе ги наведат лидерите во Македонија на соработка и сериозен дијалог за сите проблеми со кои е соочена земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top