| четврток, 6 декември 2018 |

Француски политичари: Оланд треба да се срами што не отпатува во Москва

оландПовеќе француски политичари остро го критикуваа претседателот на државата Франсоа Оланд поради неприсуството на воената парада во Москва по поводот Денот на победата над фашизмот оценувајќи дека таквата негова постапка е срамна и навредлива.

Жан-Лик Меланшон, од Левиот фронт, оцени дека отсуството на Оланд е срамно и дека претставува дипломатска, но и историска навреда, пренесуваат француските медиуми.

– Жалам што мојата земја покажа лице на неподнослива нетолеранција – наведува Меланшон на својот блог.

Тој смета дека постапката на претседателот е уште почудна ако се знае дека токму на негов повик во 2014 година претседателот на Русија Владимир Путин присуствуваше на одбележувањето на 70-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија.

– Што значи, тој има кратка меморија – контстатира Меланшон.

Пратеникот од партијата Унија за народно движење, Жак Мијар го оценил одбивањето на Оланд да се појави во Москва како „навреда на историјата“ бидејќи Русија била и останала клучен партнер на Франција во Европа.

– Незамисливо е на Русија да ѝ се нанесе таква навреда – истакнува Мијар.

Никола Дипон-Енјан од партијата Стани Републико смета дека Оланд требал да отпатува во Москва.

– Тоа што Оланд одби да присуствува на церемонијата во Москва е срамота и грешка. Тој датум е многу важен за Русија, која во војната против нацистите загуби 27 милиони луѓе. И додека Путин присуствуваше на церемонијата во Нормандија на 6 јуни 2014 година, Оланд го бојкотираше одбележувањето на 70-годишнината од победата над фашизмот, што е настан што ѝ денес предизвикува емоции во Русија – наведува Дипон.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top