Триесет дена притвор им определил судија во претходна постапка при Основниот суд во Тетово на вкупно пет лица од Мерово како осомничени дека учествувале во вооружената пресметка што во четвртокот се случи во близина на селото во месноста Јабланица кога две лица го загубија животот, а уште две беа тешко повредени информираа од тетовската полиција.
Еден од осомничените Ф.А.(20) е во бегство, а меѓу осомничените се и двајцата повредени Ф.А.(32) и С.А.(26) како и Ш.А.(21) и М.А.(52) кои беа приведени и задржани од полицијата по настанот.
Според информациите од Основното јавно обвинителство – Тетово од нивна страна донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет лица и тоа за четворица од осомничените за сторени кривични дела – убиство и по едно кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, а за еден од осомничените за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Од обвинителството соопштија дека осомничените се гонат поради основано сомнение дека на 7 мај 2015 година, во местото Јабланица, село Мерово, во заедничка дворна површина со умисла лишиле од живот две лица. Еден од осомничените со умисла се обидел да лиши од живот трето оштетено лице. Причина за престрелката и меѓусебната кавга биле нарушените меѓусебни односи околу напасување на стадата. Осомничените неовластено поседувале огнено оружје со кое го извршиле и кривичното дело.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



