| четврток, 6 декември 2018 |

Христијан Илиевски обвинет за местење натпревари во Италија прозборе за сумите при местењето

Македонецот Христијан Илиевски кој е обвинет за местење на натпревари во Италија и сам им се предаде на италијанските власти го имаше својот прв „состанок“ со обвинителот Роберто Де Мартино и дури пет часа раскажуваше како се местеле натпревари на Апенинскиот полуостров, објави телевизијата „Орбис“. Италијански „Кориере“ пренесува дека тој признал дека во скандалот „Калчокомезе“ тој бил дел од местење на седум средби и ги пренесува најинтересните детали од испрашувањето.

-Првиот меч кој го наместивме беше Киево-Новара кој се играше во рамки на Копа Италија. Се видов со Гервасони (н.з. поранешен италијански фудбалер кој е под суспензија поради местење до 2018 година), а потоа се сместив во хотел и се сретнав со фудбалери на Новара. Дојдоа Никола Вентола, еден Албанец кој се викаше Шала и уште еден чие име не го памтам, но ако го видам на фотографија ќе го препознаам. Им дадов на тројцата по 150 илјади евра, а договорот беше Новара да загуби со хендикеп (два или повеќе гола). Тимот загуби со 3-0, сѐ беше под контрола. Во местенката требаше да учествува и голманот Фонтана, но ми кажаа дека тој бил премногу религиозен и не сакал да се бави со нечесни работи. Но, потоа, тој ги зема парите и поради чесноста реши да направи добро дело – пола од нив ги однесе во црква. Му дадов 30 илјади евра на Гервасони, а исто така, вложив и 400 илјади евра на еден кинески сајт. Добив двојно повеќе – 800 илјади евра“, вели Илиевски за мечот меѓу Новара и Киево и додаде дека наместен бил и мечот кој во истото натпреварување (Копа Италија) се играл ден по претходниот натпревар – Бари-Ливорно.

-Го наместивме и мечот меѓу Бари и Ливорно кој заврши со резултат 4-1 (1. декември, 2010 година). Врската беше Бресан Алфонсо Де Луча, голман на Ливорно. Се сретнавме и се договоривме Ливорно да загуби со три гола и хендикеп. Резултатот излезе како што треба, но коефициентот падна, па наместо 100 илјади евра кои му ги ветив му дадов само 60-70 илјади евра.

Потоа, Илиевски откри дека бил вмешан и во местење на натпреварот Новара-Сиена, меч кој се одигра во 2011 година и за кој под истрага беше и екс-стратегот на Јувентус, Антонио Конте.

-Главни контакти беа Каробио и Бертани (фудбалери на Новара и Сиена). Се договоривме – мечот да заврши 4+. Коефициентот беше мал, затоа не дадовме многу пари. Каробио зборуваше со своите колеги и не увери дека сѐ ќе биде во ред. На крајот, целата ситуација испадна како што ни кажаа Каробио и Бертани – натпреварот заврши 2-2.

Најинтересната приказна Илиевски ја раскажа за мечот меѓу Лацио и Џенова, кој се одигра во мај, 2011 година. Во местенката учествувал и капитенот на „небесносините“, Стефано Маури.

-Гервасони ми се јави во два по полноќ. Ми кажа дека може да го намести мечот меѓу Лацио и Џенова, по што заминавме во тренинг-центарот на Лацио и го чекавме капитенот Маури. Тој дојде и се запознавме, а Замперини (н.з. екс-фудбалер на Лацио кој замина во пензија во 2009, а сега е суспендиран поради скандалот) кој исто така дојде со нас и возеше БМВ „Х-3“ ме претстави и му кажа дека јас сум човек кој плаќа добро за местење на средби. Му понудив 350 илјади евра за 3+ и победа на Лацио, а Маури ми кажа дека може да ми обезбеди 1-1 на полувреме. Брзо се договоривме, затоа што Маури ми кажа дека ќе ми помогне затоа што сум пријател на Замперини. Со него направив и „селфи“ затоа што е познат фудбалер, ако ја побарам фотографијата низ старите телефони можеби ќе ја најдам. Потоа, се слушнавме со Омар Милането (н.з. екс-фудбалер на Џенова) за да договориме средба со играчите на Џенова. Се сретнавме во Милано, но тој ми кажа дека местенката не е сигурна затоа што за Џенова играат многу странци со кои тешко може да се договориме. Со Замперини потоа отидовме во обложувалница, каде заработив околу 200 илјади евра. Нему му дадов 20 илјади евра, а исто така в џеб му ставив и 50 илјади евра како „мал поздрав“ за Маури. Не знам дали тој го добил својот дел, затоа што сѐ се одвиваше во центарот на Милано.

Христијан Илиевски исто така признал дека наместени се уште неколку средби во италијанското калчо. За нив, тој ќе кажува на следните испрашувања кои се закажани в петок и понеделник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top