Операта „Магбет“ од Џузепе Верди, во режија на Марко Спада и под диригентство на Џанлука Мартиненги, на 9 мај во 20 часот ќе ги отвори 43. „Мајски оперски вечери“.
– Годинава доминираат гостите од Италија, лулката на операта. Покрај нив, сакам да го истакнам и учеството на нашите првенци Борис Трајанов, кој ќе настапи во две ролји, Весна Гиновска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, како и ѕвездите на Бољшој театарот, Нина Капсова и Берт Јон Овсаренко во балетската класика „Лебедово езеро – вели директорот на Операта, Дејан Прошев.
За режисерот Спада ова е голем предизвик.
– Дејствието во Шекспировиот „Магбет“ се случува во средниот век, но темите се актуелни и денес и затоа со костимографот решивме сето тоа да се пренесе во модерен амбиент – рече Спада.
Весна Гиновска-Илкова ја толкува улогата на Лејди Магбет.
– Оваа улога е предизвик за секој драмски сопран да ја има во својот репертоар. Ја чувствувам музичката драма и можам да кажам по првпат учествувам во еден комплетно модерен проект, почнувајќи од сцената, костимите, сѐ до едноставноста на сценските движења кои се чисти и јасни. Верувам дека оваа претстава ќе остане да се прикажува во репертоарот на МОБ бидејќи главните улоги ги толкуваат првенците од МОБ – рече Илкова.
Во рамки на 43. „Мајски оперски вечери“ ќе бидат изведени и „Травијата“ од Верди, „Адријана Лекуврер“ од Франческо Чилеа, „Симон Вуканегра“ од Верди, а ќе бидат затворени традиционално со Вердиевата „Аида“. Ќе настапат и гости од соседна Србија, Бугарија, Украина, Индонезија, а меѓу солистите ќе настапи и светски познатата дива Даниела Деси.
Ова година се враќа традицијата да биде запален фестивалскиот оган, а тоа ќе го стори примадоната на МОБ, Милка Ефтимова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.