Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, честитајќи им го 7 мај – Денот на полицијата – на вработените во МВР, им се заблагодари за нивната пожртвуваност, професионализам, хуманост и посветеност на работата со кои се гордеат граѓаните на Република Македонија.
Вие, нагласува во честитката Јанкулоска, постојано ни покажувате на дело како се сака татковината и како се почитува униформата што ја носите. Од ден во ден, подвлекува, ја манифестирате Вашата човечност и големина кои ќе останат пример за идните генерации.
– Вашата храброст која секојдневно ја демонстрирате ќе ја помнат македонските граѓани на кои им помогнавте при поплавите и временските непогоди, кога одредени места беа отсечени од комуникација заради снежните навеви или пак останаа без електрична енергија. Во време на бројни предизвици со кои секојдневно се соочувате, многу пати сте помогнале да се избегнат човечки жртви и лични и семејни трагедии. Вашата човечност и присебност ја покажавте и пред 20-тина дена, кога после 12 часовна теренска потрага, успеавте да пронајдете седумгодишно девојче од Сирија кое се одвоило од групата и ладната ноќ ја минало само под отворено небо. Ќе ве помни девојката што ја спасивте при обидот да си го одземе животот, но и семејствата на сите оние кои беа на чекор до смртта, а благодарение на Вас добиваат нова шанса – стои во честитката по повод Денот на полицијата од Јанкулоска.
Токму заради ваквите дела, истакнува министерката за внатрешни работи, граѓаните во Вас гледаа и продолжија да гледаат столб на кој може да се потпрат и гарант на нивната безбедност. Токму заради ваквите дела, континуирано расне довербата во македонската полиција.
– Вие сте тие од кои граѓаните очекуваат да бидат на браникот на слободата и демократијата. Вие сте хероите на сите поддржувачи на безбедноста, мирот и редот во државата, и идолите на многу млади момчиња и девојки кои секоја година на огласите за вработување во МВР се натпреваруваат со знаење и квалитет за да станат Ваши колеги, полициски службеници.Граѓаните очекуваат да го браните и правото, слободно и демократски секој да го изрази своето мислење. Да ги штитите овие придобивки. Сепак, граѓаните очекуваат професионално и одлучно да реагирате на секој обид да се наруши спокојноста и мирот и да завладее хаос. На секое насилството и вонинстицуинално узурпирање на вољата на граѓаните мора соодветно да се одговори -вели Јанкулоска.
Според министерката Јанкулоска, Република Македонија и нејзините институции се исправени пред еден од поголемите тестови во поновата историја и затоа, вели, од Вас се очекува да бидете на висина на задачата.
– Да бидете истрајни и професионални и да ги почитувате Уставот и законите. Деновиве припадниците на МВР се под жесток напад. Во само еден ден 38 полициски службеници беа повредени од страна на група агресивни лица кои на најбрутален начин ги нападнаа полициските службеници кои достоинствено и крајно професионално ги извршуваа своите работни задачи грижејќи се за јавниот ред и мир за време на насилните демонстрации – им порачува Јанкулоска на вработените во МВР.
Таа потсетува дека неодамна четворица полициски службеници беа нападнати за време на вршење на должноста во Полициската станица Гошинце. Поединци, посочува, веднаш се обидоа да внесат поделби и раздор инсинуирајќи дека една од варијантите била режирање на нападот од самата власт.
– Монструозност, која покажува на што се може да е подготвен еден ум расипан од болната амбиција, без работа и проекти, со подметнувања да се дојде на власт.Четворицата колеги знаат, а знаат и сите оние што се инволвирани во истрагата колку се извитоперени овие конструкции. Добро е што со секој изминат ден и со секое ново сознание истите се демантираат. Затоа од Вас, граѓаните очекуваат максимално ефикасно расчистување и документирање на овој но и на секој друг случај од надлежност на МВР. Оној кој се обидел да ја нападне Република Македонија, нејзините институции и нејзините граѓани не смее да мине неказнето – се вели во честитката од Јанкулоска.
Со поддршка и целосно разбирање од Владата на Република Македонија, истакнува таа, изнајден е начин да започне реализацијата на усогласувањето на платите на лицата со посебни должности и овластувања во МВР, и првата повисока плата е веќе исплатена. Потпишан е нов колективен договор кој ги уредува работничките права на ниво на најразвиените западноевропски земји, отпочнати се градби на неколку нови објекти за полициски станици, а реконструирани се и голем број други за да се подобрат условите за работа. Рерализирани се бројни проекти, акции и кампањи, подвлекува, зголемувајќи го нашето присуство меѓу граѓаните што резултираше со намалување на бројот на нарушувања на јавниот ред и мир, намалување на бројот на убиства и другите тешки кривични дела.
Во честитката ги споменува трагично загинатите во хеликоптерската несреќа што се случи во близина на Струмица, Драги Мицев, Марјан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.
– Никогаш не било лесно и едноставно да бидеш припадник на МВР. Вршењето на работата барало жртви и откажување и од Вас и од Вашите семејства. Но, да се биде припадник на МВР сега, веројатно е уште потешко и посложено, затоа што претстои исклучително значаен период за Македонија во кој ќе мора секој од нас да го даде својот максимум. Можеби ќе има првокации, напади, манипулации, лажни обвинувања. Важно е да бидеме на ниво на задачата тогаш кога сме им најпотребни на граѓаните и на државата. Овие девет години спроведовме низа реформи од кои дел беа доста длабоки и бараа сериозен напор. Тие имаа за цел македонската полиција да ја реформираат во модерна, ефикасна, европска полициска служба. Затоа сум убедена дека Вие имате капацитет и знаења да одговорите на сите предизвици – потенцира министерката Јанкулоска.
Таа во четитката истакнува дека пред МВР претстојат денови во кои, како што вели, креаторите на кризи, дестабилизација и анархија повторно ќе ја стават на тест приправноста, професионализмот и храброста на полицијата.
– На овие предизвици потребно е да се одговори на истиот начин како и до сега – смирено и достоинствено, но исто така и одлучно, бескомпромисно и пожртвувано. Во овие денови на искушенија, Вие со Вашето дело испишувате светли страници во современата македонска историја, дело на кое граѓаните Ви се благодарни и кое ќе го паметат а идните генерации ќе знаат да го вреднуваат и споменуваат – стои во честитката од министерката Гордана Јанкулоска по повод одбележувањето на Денот на полицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)
-
И Гордана Јанкулоска го осудува бегството на Груевски
-
Хит на Фејсбук: Хрватски полицајци се обидуваат да поправат службено возило (видео)
-
Само кренат глас ќе се слушне: Полицајците во понеделник на марш низ Скопје