Поради изведување градежни активности, денеска и утре целосно ќе биде затворена за сообраќај делницата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и тоа од вкрстосување со улицата „Јуриј Гагарин“ до вкрстосување со улицата „Московска“.
Од Градот Скопје информираат дека автобусите кои ја опслужуваат автобуската линија со број 4А, во правец од Центар кон Тафталиџе 2, ќе бидат пренасочени по булеварот „8-ми Септември“, булевар „Партизански одреди“ и улица „Московска“. Во насока од Тафталиџе 2 кон Центар, ќе се движи по истата траса, но по обратна насока.
Автобусите од градските линии: 5 и 5А, во насока од Центар кон Ѓорче Петров, ќе бидат пренасочени преку булеварот „8-ми Септември“ булеварот „Партизански Одреди“, улицата „Московска“ и продолжуваат по својата траса, по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а во обратна насока ќе се движи по истата траса и при тоа ќе ги користат постоечките автобуски стојалишта.
Градот Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да се придржуваат на физичкото регулирање на сообраќајот од страна на униформирани полициски службеници или други овластени службени лица, како и на времено поставениот режим на сообраќај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.