| четврток, 6 декември 2018 |

Кери: Суштински се подобрува состојбата во Сомалија

kerry_somaliaАмериканскиот државен секретар Џон Кери, кој се наоѓа во посета на Сомалија, денеска изјави дека ситуацијата во оваа земја се подобрува по формирањето на привремените институции и воените успеси против милициите „Аш Шабаб“, пренесоа француските медиуми.

-Пред повеќе од 20 години САД беа принудени да се повлечат од Вашата земја. Сега се враќаме во соработка со меѓународната заедница, рече Кери во видео пораката кон сомалискиот народ, емитувана од Стејт департаментот по неговата 3,5-часовна посета на аеродромот во Могадишу, прва на еден американски државен секретар во оваа земја.

Посетата на Кери го одбележува дипломатското враќање на САД во Сомалија, каде веќе се застапени со воено присуство и учество во борбите против „Аш Шабаб“.

САД ја напуштија Сомалија во 1993 година, понижени по смртта на 18 свои војници, убиени од борците на сомалиските милиции, кои нивните тела ги влечеа по улиците на Могадишу. Американските војници таму пристигнаа во декември 1992 година за да им помогнат на Сомалијците кои страдаа од глад и граѓанската војна  во земјата, забележаа француските медиуми.

-Денеска ја посетив Сомалија затоа што Вашата земја повторно состојбата ја зема во свои раце. Минаа три години од донесувањето на привремениот Устав и почнувањето со работа на Парламентот. Со помошта на силите на Африканската унија, сомалиските војници ги потиснаа борците на „Аш Шабаб“ надвор од густо населените центри, изјави Кери.

„Заедно со многубројни други меѓународни партнери, САД се подготвени да направат се што е можно за да и помогнат на Сомалија да добие сигурност, надеж и мир, кои ги заслужава“, заклучи Кери, пред да замине за соседна Кенија.

Кери во Могадишу се сретна со сомалискиот претседател Хасан Шеик Махамуд и побара парламентарните избори што следната година треба да се одржат во оваа земја да минат во мирна атмосефра.

Сомалија од 1991 година, кога беше соборен претседателот Саид Баре, е зафатена од граѓанска војна и е лишена од суштинска  централна власт, забележаа француските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top